ДУИ упати повик до сите политички партии да  го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг.

Според партијата, процесот на ветинг е неопходен и клучен за да се изгради довербата на граѓаните во правдата, институциите и државата.

„Нашиот став е јасен и непроменлив: им упатуваме повик на сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг со меѓународен надзор, еден сеопфатен и бескомпромисен процес што ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудството и институциите, го повторуваме нашиот одамнешен став за истрага против сите политички партии, без исклучок, за периодот од изминатите 33 години, бараме проверка и контрола на потеклото на имотот на сите носители на јавни функции во последните 33 години: министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители – сите, без исклучок; ја потенцираме потребата од длабoка истрага на процесот на приватизација, кој во многу случаи служеше како основа за создавање на недопирливи олигарси. Ова темно поглавје не смее да остане нерасчистено. Правдата не се мери со изјави, туку со конкретни одлуки, бараме исто така истрага за дејствувањето на безбедносните служби на државата, како и за функционерите кои биле дел од тие служби од 1945 година наваму: ОЗНА, УДБ-а, СДБ, ДБК, УБК, АНБ“, изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.

Според него, ова не е само политички проект, ниту пак стара заложба на ДУИ, туку услов за правда и за поправедна иднина за сите граѓани.