Европскиот фронт ќе настапи на претстојните локални избори закажани за 19 октомври под новото име и логото Национална алијанса за интеграција (НАИ), објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку својот Фејсбук профил.
Ахмети истакна дека, и покрај „тешките времиња“ и „намалената почит кон Албанците од страна на актуелната власт“, неговата партија останува доследна на стратегиската цел – европската интеграција.
„Живееме во тешки времиња и ние Албанците сè помалку сме почитувани од актуелната власт, која нема албански етнички легитимитет. Но, иако времињата се тешки, ние во ДУИ никогаш не ја забораваме европската дестинација до која сакаме да стигнеме,“ порача Ахмети.
Тој нагласи дека е неопходно обединување, како меѓу Албанците, така и меѓу сите што веруваат во подобра иднина.
„Денес е потребно единство, прво меѓу сите Албанци, кои треба да се застапуваат едни за други, но и меѓу сите оние кои не се откажуваат лесно и кои веруваат дека можеме да изградиме подобра иднина за нашите деца. Како што се обединуваме, да не ги заборавиме лекциите од горчливото минато и секогаш имајте на ум дека нашата иднина е интеграција во големото европско семејство,“ истакна тој.
Ахмети ја заврши својата порака со оптимизам:
„Ова е заветот на победа, вера и европска интеграција. Здружувањето е наша порака: само заедно ја градиме иднината што ја заслужуваме.“