За ДУИ, најновиот извештај на европратеникот Томас Вајц во Европскиот парламент претставува алармантно обвинение за насоката во која се движи Северна Македонија под раководство на коалицијата ЗНАМ–ВМРО–ВЛЕН. Овој извештај, велат од партијата на Ахмети, потврдува токму она на што ДУИ со месеци предупредува: државата се претвора во експериментален терен за најдеструктивните антизападни влијанија на континентот.

„Според извештајот, Северна Македонија станала отворен терен за руската пропаганда, за нетранспарентното економско влијание на Кина и за пренесување на овие влијанија преку политички и медиумски мрежи поврзани со концептот на „српскиот свет“. Унгарија и Србија играат улога на посредници, зајакнувајќи го авторитарното присуство и поткопувајќи го евроатлантскиот пат на земјата. Пропагандата против Европската Унија, која се шири преку домашните медиуми, ја злоупотребува идентитетското прашање за да го прикаже интегративниот процес како закана, а не како надеж.

Дополнително, извештајот отвора загриженост за постоење на стари мрежи од тајните служби, кои можат да бидат инфилтрирани и поврзани со странски интереси.

Наместо сериозен одговор, оваа Влада молчи. Наместо да го брани институционалниот суверенитет и западната ориентација на државата, таа дозволува Северна Македонија да тоне во изолација и инструментализација“.

Ова, како што оценуваат од ДУИ, е резултатот кога власта им се предава на туѓи агенди, додека се занемаруваат најважните партнери на државата – Европската Унија и НАТО.

ДУИ алармира, патот што го следи оваа влада е пат на изолација, институционално заробување и поткопување на демократскиот поредок. Како што истакнуваат, иднината на нашите граѓани не лежи во зависноста од авторитарниот Исток, туку во целосната интеграција во европското семејство, со силни институции, транспарентна економија и одржлив мир.