Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува, како што велат, длабока загриженост поради најновите вработувања во хидроелектраната Маврово – Врток, каде што се ангажирани 12 нови лица, без вклучување на ниту еден припадник на албанската заедница, иако, како што велат од ДУИ, станува збор за институција лоцирана во регионот на Гостивар, каде што Албанците претставуваат мнозинство.
Оваа одлука, според ДУИ, претставува јасен пример на етничка исклученост од јавните институции и е во спротивност со принципите на правична застапеност, врз кои е изграден институционалниот модел на државата.
„Овој пристап не само што ја нарушува довербата на граѓаните, туку и го поткопува меѓуетничкиот соживот и ги компромитира темелите на демократското и мултиетничко уредување на Република Северна Македонија. ДУИ нагласува дека овој случај не е изолиран, туку дел од систематска тенденција на маргинализација на Албанците од јавната сфера, за што повеќепати имаме укажувано во изминатиот период. Го повикуваме Народниот правобранител итно да ги преземе потребните постапки за испитување на оваа провоцирачка тенденција, како и да утврди дали има прекршување на правото на еднаков пристап и недискриминација при вработувањата. Упатуваме апел и до претставниците на меѓународната заедница во земјата со внимателност да ги следат ваквите загрижувачки појави, кои се во спротивност со заложбите за изградба на инклузивно и фер општество“, велат од ДУИ.