Од Демократската унија за интеграција известуваат дека претседателот на оваа партија, Али Ахмети, на 17 октомври, во последниот ден од изборната кампања, одлучил да ги откаже сите планирани партиски активности и да учествува на општонародниот протест во Тирана, свикан, како што појаснуваат, од организациите произлезени од војната на ОВК.

„Протестот ќе се одржи на плоштадот „Скендербеј“ во Тирана, со почеток во 17:00 часот, под мотото: „Правда за ослободителите, против неправдата во Хаг“. Али Ахмети, кој беше присутен и на протестот организиран во Приштина, како еден од основачите на Ослободителната војска на Косово, ја прифати поканата на организаторите да биде дел од овој голем општонароден протест.

За ДУИ и за нејзиниот претседател, војната на албанскиот народ предводена од Ослободителната војска на Косово била праведна, неопходна и поддржана од целиот демократски, западен и слободољубив свет. Периодот по војната и бројните судски процеси, домашни и меѓународни, јасно ја потврдија чистотата на таа војна за слобода, демократија и независност“.

Според ДУИ, правдата за албанскиот народ не може да се гради врз политички процеси наметнати од Русија, ниту врз „докази“ фабрикувани од Србија.

„Претседателот Али Ахмети е неразделен дел од борбата за слободата на албанскиот народ и токму поради тоа силно го поддржува протестот свикан од организациите произлезени од војната на ОВК, откажувајќи ги сите изборни партиски активности“.

Текстот ДУИ: Правдата за албанскиот народ не може да се гради врз политички процеси наметнати од Русија, ниту врз „докази“ фабрикувани од Србија е превземен од МАКФАКС.