Демократската унија за интеграција (ДУИ) по трагичниот пожар во Кочани, во кој животот го загубија 60 млади лица, ја нагласува итната потреба за одговорност и обезбедување почитување на сите стандарди за да се спречат вакви трагедии во иднина.

За жал, по оваа катастрофа, велат Ингегративците, граѓаните се сведоци на загрижувачко однесување од актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Мицкоски.

„Наместо да преземе брза и решителна акција и да ги повика на одговорност оние кои се вистински виновни, владата се вклучи во активности за бегање од одговорност на актуелните функционери и се оддаде на создавање непотребни етнички тензии. Во моментов Мицкоски со неосновано апсење на Албанци се обидува да предизвика меѓуетнички тензии, како параван за неуспесите на владата и како алатка за предизвикување етнички раздор“, велат од ДУИ.

Партијата во соопштението додава дека најостро ги осудува неодамнешните апсења на поединци кои, како што велат, немаат врска со трагедијата, како средство за оттргнување на вниманието од вистинските виновници.

Овие постапки, се додава, без докази покренати од институциите на Мицкоски, служат за насочено таргетирање на поединци за политички цели.

Очигледно е, велат, дека додека се користат поединци како жртвени јагниња, оние на моќни позиции, вклучително актуелни министри и директори, остануваат на слобода и покрај нивната целосна одговорност за оваа трагедија.

Партијата ги повика институциите да спроведат темелна и транспарентна истрага за трагедијата во Кочани, базирана врз докази, со тоа обезбедувајќи гаранции дека вистински одговорните лица ќе ги сносат последиците, без разлика на нивната политичка определба.