Здравството е основа на секое праведно и напредно општество. Кога децата, најранливиот и највреден дел од нашето општество, се во ризик, мора да застанеме и да размислиме. Фактот дека повеќе деца ги загубиле своите животи во последните шест месеци отколку во изминатите години треба да биде аларм за сите нас, велат од ДУИ.

„Секој од тие изгубени животи претставува предвремено прекината судбина и неизмерна болка за семејствата кои ги изгубиле своите најмили. Јасно ни е дека постојат предизвици, но никој не може да прифати здравството да се деградира до таа мера што родителите влегуваат во болници со надеж, а излегуваат со скршени срца. Ова не е прашање на партии или политика. Ова е човечки повик. Нашите деца заслужуваат најдобра грижа. Семејствата заслужуваат сигурност и достоинство кога бараат медицинска помош“, се додава во соопштението на ДУИ.

Оттука апелираат до Министерството за здравство и сите засегнати институции да преземат итни чекори.

„Секој ресурс мора да се насочи таму каде што е најпотребен – во спасување животи и подобрување на условите за нашите најмлади пациенти.Зашто ниту еден родител не треба да ја доживее болката од загубата на своето дете, и ниту едно дете не треба да ја изгуби својата шанса за живот. Ова е момент кој бара размислување и акција“, се додава.