Демократската унија за интеграција остро го осудува невидениот притисок од страна на Владата врз органите на правдата, судството и обвинителството, соопштија од партијата.

Оваа, како што велат, флагрантно мешање, придружено со конформизмот на одредени актери во овие институции кон политичкото влијание, го доведува во прашање вербалното залагање на власта за воспоставување на правна држава.

Според ДУИ, ситуацијата станува уште позагрижувачка кога партиски активисти се именуваат на највисоките позиции во правосудниот систем, загрозувајќи ја неговата независност и кредибилитет.

„Овој вициозен круг на конформизам и политички интервенции не е само напад врз независноста на правосудството, туку и ризик за самите темели на правната држава. Како таков, тој ја уништува довербата на граѓаните во институциите, ја подрива поделбата на власта и создава опасни преседани кои можат да ја оштетат демократијата и иднината на земјата на долг рок. ДУИ апелира за одговорен пристап и за почитување на принципите на независноста на правосудството. Политичките интервенции и клиентелистичките практики не смеат и не треба да бидат норма во функционирањето на нашата држава. Во едно демократско општество, правосудството мора да биде заштитник на граѓаните, а не инструмент на политички притисоци“.

ДУИ, апелира до меѓународната заедница да реагира на оваа загрижувачка состојба.

Како што оценуваат, независноста на правосудството е еден од клучните столбови на демократските процеси и европските вредности, и секоја политичка интервенција што ја загрозува таа независност бара итно внимание.

За ДУИ меѓународната реакција е клучна за да се обезбеди дека нашата земја, Република Северна Македонија, нема да се оттргне од патот на правната држава и евроатлантските интеграции.

Демократската унија за интеграција појаснуваат од таму, останува цврсто посветена на заштита на независноста на институциите и зачувување на интегритетот на нашиот правосуден систем.

Ги повикуваат сите страни да размислат за последиците од овие интервенции и да го стават интересот на граѓаните над теснопартиските интереси.