Демократската унија за интеграција ја поздравува одлуката на Собранието да ги одобри законите кои го отвораат патот за поевтина и побрза изградба на Коридорот 8 и 10Д, најголемите инфраструктурни проекти во историјата на државата.

Во нивното соопштение се вели:

Опозицијата на чело со Мицкоски реши да гласа против проектот што значи нова димензија на развој и ефикасна циркулација, но сепак нема да успее да го држи во заложништво економскиот развој на државата, ќе се градат коридори!

Историјата денеска ќе ги памети оние кои гласаа „за“ правилна кауза за развој, како што ќе ги памети и оние кои се построија против оваа кауза и на штета на граѓаните, велат од ДУИ.

Инаку, вчера Собранието во рамки на продолжението на 115-тата седница ги донесе измените и дополнувањата на  петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со  63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.