Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за најновите случувања кои јасно го потврдуваат зголемувањето на продорот на „српскиот свет“ и руското влијание во Република Северна Македонија, под актуелната влада предводена од Христијан Мицкоски и коалицијата ВМРО-ДПМНЕ–ЗНАМ–ВЛЕН.

Последниот случај со српско-рускиот актер Милош Биковиќ претставува значаен показател за оваа опасна тенденција. Премиерот Мицкоски јавно го пречека Биковиќ, претставувајќи го како „син на Берово“ и пофалувајќи ја неговата иницијатива за инвестиција во туристички комплекс. Но, не може да се игнорира фактот дека Биковиќ е фигура тесно поврзана со Белград и Москва, кој:

  • Самиот изјавил дека рускиот претседател Владимир Путин му кажал дека учествувал во преземањето на аеродромот Слатина во Приштина – епизода позната како демонстрација на руската сила на Балканот по НАТО бомбардирањата, и ја поврзал со својот пропаганден филм „Балканска меѓа“;
  • Во 2023 година самиот Путин му додели руско државјанство, со што Биковиќ стана една од најважните фигури на руската „мека моќ“ преку уметност, филм и медиуми.

Овие факти јасно покажуваат дека под актуелната влада РСМ покажува сè поголема отвореност кон странски влијанија кои ја загрозуваат евроатлантската насока на земјата. Таквите инвестиции, претставени како економски и културни проекти, во суштина претставуваат канали за легитимирање на српско-руските наративи во земјава и нивно нормализирање како дел од нашиот национален идентитет.

ДУИ потенцира дека ова е алармантен сигнал:

  • напорите за културна и политичка пенетрација од Белград и Москва не се сокриени, туку се легитимираат од владата;
  • овие случувања ја загрозуваат општествената кохезија, меѓуетничките односи и евроатлантската перспектива на Северна Македонија.

„Ги повикуваме граѓаните, институциите и меѓународните партнери да бидат свесни за овие процеси и да не дозволат нашата земја да се врати назад, кон ‘српскиот свет’ и руското влијание. Единствениот вистински национален и државен интерес е патот кон Европската Унија и НАТО, како и одржувањето на добри меѓуетнички односи како гаранција за внатрешна стабилност“, стои во реакцијата.

ДУИ останува посветена на овој пат и ќе продолжи да разобличува секој обид за оддалечување на земјата од нејзината евроатлантска стратешка ориентација.