Ниту во првите 100 дена во Владата на Зоран Заев, ниту во првите 100 дена со Димитар Ковачевски, ДУИ не ја постигна целта од изборната програма 2020-2024 година. 25-те заложби на ДУИ останаа на хартија, а за дел од нив се постапуваше во спротивност со т.н. заложби. Во првата заложба – консензуално одлучување во 10 стратешки институции предводени од Македонец и Албанец е и Агенцијата за национална безбедност во која соодветната застапеност на хиерархиско ниво останува ниска, а илјадници Албанци и понатаму имаат проблеми со добивањето државјанство. Ниту еден камен не е поместен во насока на заложбата за задолжителна настава на албански јазик во секое училиште. Албанскиот јазик, иако е регулиран со закон и понатаму не се употребува на централно и локално ниво. Во ова поглавје нема поместување ниту во заложбите на ДУИ за промена на државната химна, што според партијата, треба да ја одразува мултиетничката реалност во државата.
Во поглавјето – Правда за сите, ДУИ имаше предвидено во првите 100 дена да се формира Висок суд за еднаквост и да се спроведе задолжителен ветинг. Овие заложби предвидуваа истраги за дискриминација на државно ниво, но тоа не се реализираше, иако се очекуваше да биде клуч за расветлување на евентуално монтирани судски случаи како Монструм, Алфа, Алмир, Дива Населба итн. Нема помрднување ниту за задолжителниот ветинг, односно филтрирање на кое би морале да бидат подложни политичарите, судиите и сите државни функционери.
Во заложбите за подобар живот за сите, ДУИ имаше поставено минимална плата од 600 евра за секој наставник и медицинска сестра. Но тоа не се случи иако со министерствата за образование и за финансии раководат кадри на ДУИ, а наставниците штрајкуваат. Не започна да се градат ниту здравствени домови во секоја општина, вработените со договори на дело не добија трајно решение, а во отсуство на кадри, некои здравствени домови се во опасност сосема да бидат затворени.
Дислоцирањето на казината и игрите на среќа на 1 километар од училиштата, градинките, џамиите и црквите беше обврска која требаше да се реализира во рок од 100 дена, но наместо тоа, се случи спротивното.
Во Тетово се градат нови казина кои се веќе пуштени во употреба, а Законот за коцкање останува блокиран во Собранието. ДУИ даваше вакви ветувања кои не беа исполнети и во претходните изборни програми.
Извор: АлсатМ