Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагираше на последното јавно обраќање на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за, како што велат, опасна и дискриминаторна реторика насочена кон албанската заедница.
„Премиерот Мицкоски повторно се впушта во реторика која го дели општеството и ги понижува Албанците, определувајќи кој е ‘прифатлив’, а кој не. Ова потсетува на мрачната политика на Милошевиќ од деведесеттите“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Според партијата, наместо да се фокусира на реформите, економијата и евроинтеграциите, Мицкоски продолжува со националистичка агенда „која создава подредени, послушни и неми Албанци“.
ДУИ предупредува дека ваквиот пристап не само што е штетен, туку веќе произведува обратен ефект – политичко обединување на Албанците, без разлика на нивните партиски разлики, со цел да го одбранат достоинството и политичката автономија на својата заедница.
„Остатоците од Вреди кои сè уште се на функции благодарение на Мицкоски треба да се запрашаат – дали сакаат да бидат соучесници во оваа политика на поделби?“, прашуваат од ДУИ.
Партијата завршува со порака до власта дека граѓаните се будат и се подготвени да го кажат својот став на претстојните избори, какви и да бидат тие.