Битката за Кичево повторно се претвора во етничка трка, наместо да остане натпревар на идеи и визии за градот, велат од ДУИ.
„Секогаш кога Албанците во Кичево станувале одлучувачки фактор, се активирале механизмите на подземјето – лабораториите на службите што работат во темнина – со цел да ги поделат, да ги посварат и да ги дискредитираат нивните политички претставници.
Ова сценарио добро го познаваме: кога не можат да се соочат со идеи, кога немаат проект, измислуваат скандали, монтираат разговори, фабрикуваат „факти“ и ги шират со единствена цел – граѓанинот да ја изгуби довербата во политиката и да остане дома на денот на одлучувањето.
Кичево нема да падне во оваа замка“.
Нашите граѓани, додаваат од ДУИ, знаат да ја разликуваат фабрикуваната пропаганда од реалноста.
Најавија дека ќе продолжат мирно, достоинствено и со уверување дека иднината на Кичево не се гради со клевети, туку со работа, посветеност и почит кон секој граѓанин, без оглед, како што велат, на етничката или верската припадност.
„Да го сочуваме Кичево од валканоста на старата политика. Да кажеме не, на манипулациите и да, на достоинството, соживотот и развојот што му припаѓаат на овој град.
И на самиот крај, суштински е пред секоја јавна реакција или извлекување заклучоци внимателно да се провери автентичноста на аудио-материјалот. Само по јасна и веродостојна оценка од надлежните институции или експерти може одговорно да се зборува за неговата содржина. Секој коментар или дискусија без таква потврда би била шпекулативна и потенцијално штетна, како за засегнатите лица, така и за јавниот интерес“.
Текстот ДУИ: Битката за Кичево повторно се претвора во етничка трка, кога не може да се соочат со идеи, кога немаат проект, измислуваат скандали, монтираат разговори е превземен од МАКФАКС.