Демократската унија за интеграција уште еднаш ја повика ВМРО-ДПМНЕ веднаш да го повлече Законот за средно образование, кој, според нив, претставува неприфатлив акт и нанесува далекусежни последици наметнувајќи етничка супремација и ексклузивитет.
„Апелираме и до Вреди, ако им останала и тронка достоинство, да размисли и да го повлечете овој срамен закон, кој го откри вашиот неуспех да ја разберете важноста на квалитетното и инклузивно образование. Тешко е и истовремено понижувачки да се гледа вашиот потчинет став во оваа ситуација, која самите ја создадовте. Повлечете го законот, бидејќи едно е сигурно: ако вие не го повлечете овој закон, ние ќе го сопреме!“, велат од ДУИ.
Со предложениот закон за средното образование, се предвидува интонирање на македонската химна на значајни настани и датуми. Инаку во предложениот закон средното образование се дефинира како институционално, кадровски и содржински организирано, овозможувајќи образование за сите ученици во средното образование, вклучително и за деца со странско државјанство или деца без државјанство, формирање на инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост. Се воведува кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, дигитални вештини, квалификации стекнати по завршување на средното образование. Со новиот закон се воведува и нова концепција за испити на крајот на средното образование.