Се согласувам со претседателот Зеленски, кој рече: Ако не ми помогнете денес, војната ќе затропа на вашата врата утре, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда, повикувајќи на поддршка и солидарност со Украина и конкретна акција против „бруталниот напад“ на Русија.
Дуда го отвори денешниот Самит Б-9 во Варшава, на кој учествуваат претседателите на земјите од источното крило на НАТО и членки на Европската унија – Бугарија, Полска, Романија, Унгарија, Литванија, Летонија, Естонија, Чешка и Словачка.
Шефот на полската држава и се заблагодари на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен што се согласила да присуствува на состанокот со цел да се покаже единството на државите во „целосно новата реалност“.
– Демоните на војната, невидени од 1945 година, вчера се вратија во Европа, рече Дуда. Тој истакна дека Путиновата Русија е одговорна за она што се случува во Украина.
По разговорите меѓу лидерите на деветте земји, започна онлајн состанок на НАТО. Се очекува да трае неколку часа за да се разговара за ситуацијата во Украина и да се излезе со став за кризата.