Идеите за прекројување на границите на Балканот се опасна игра со потенцијал да предизвика силни реакции, тектонски пореметувања и дестабилизација на целиот регион, предупреди Демократски сојуз (ДС) во врска со нон-пејперот на словенечкиот премиер, Јанез Јанша, со кој се предлага промена на границите во Балканот.
„На сите им е јасно дека ревидирање на меѓудржавните граници на мирен начин е невозможна мисија и наместо балканските држави да се поддржат кон европскиот пат, во суштина се заговара ‘топовска завршница‘ во замислената балканска партија шах. Македонија мора да биде крајно внимателна и активна во одбраната на мирот и евроатлантските перспективи на Балканските држави“, се вели во соопштението на Демократски сојуз.
Според ДС концептите за некаков конечен распад на Југославија претставуваат промоција на нови поделби на Западен Балкан и вовед во создавањето големи држави, кои во минатото беа платени со стотици илјади човечки животи, огромни разорувања и економски колапс.
„Балканските држави имаат историска шанса да бидат дел од големото семејство на европските народи и од нив зависи дали таквата можност ќе ја искористат или ќе ги прифатат налудничавите големодржавни идеи кои значат меѓусебно истребување“, стои во соопштението на ДС.