Државното правобранителство бара Јавното обвинителство кривично да го гони бизнисменот Сеад Кочан, кој моментално ја одлежува скоро петгодишната затворска казна изречена во предметот на СЈО под назив „Труст“, поради тоа што неговата „Трансмет“ добила наместен тендер од АД ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) за ископ на јаглен во рудниците на РЕК Битола, пишува Фокус.

Според документацијата што ја обезбеди Фокус, правобранителството предводено од државниот правобранител Фехми Стафа во октомври ланската 2021 година испратило допис до обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на чело со Вилма Рускоска, со кој иницира „итно преземање на мерки и активности“ со цел да биде утврдена нова кривична одговорност за веќе осудениот Кочан.