Во жарот на патриотската борба за одбрана на идентитетот предизвикан од францускиот предлог за надминување на бугарското вето и отворање преговори со Европската унија, пратениците на власта и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ усогласиле нацрт -предлог закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни  медиумски услуги, со кој на голема врата ги враќаат владините кампањи од времето на режимот на Никола Груевски.

Со предлогот практично државата ги презема приватните телевизии затоа што станува мнозински финансиер на приватните национални, регионални и локални телевизии, преку редовно годишно објавување на медиумски кампањи во приватните телевизии и радија, кои наводно ќе бидат од јавен интерес. Ако се оствари сценариото на власта и ВМРО-ДПМНЕ ќе се легализира корупцијата во медиумите со јавни пари со цел да се контролира уредувачката политика и јавното мислење на граѓаните. Со тоа се продлабочува и партизацијата и политизацијата на медиумите преку инсталација на партиски пропагандисти во медиумите, а ќе се ограничи и секој вид на критика против власта или опозицијата. Не можат да претендираат да бидат слободни и професионални медиумите што најголем дел од парите ќе ги обезбедуваат од јавни пари од државата, општините и партиите, а не од комерцијалните реклами.

Според предлогот, кој деновиве е пуштен во пратеничките групи во Собранието, предвидено е државата заедно со 81 општини, секоја година да потрошат по околу пет милиони евра за медиумски кампањи. Ако тука се пресметуваат и парите од буџетот за финансирање на медиумските кампањи на партиите за време на изборна кампања, за што просечно се трошат по пет милиони евра, државата станува мнозински огласувач во приватните национални телевизии.

За овие медиумски кампањи владата ќе одвои 0,1 отсто од реализираните вкупни приходи во годината што претходи на фискалната година, а општините 0,5 отсто од буџетот. Најголем дел од парите ќе се слеваат во петте национални телевизии со територијален мултиплекс, 80 отсто од владините пари за кампањи и 50 отсто од парите на општините. Пример, ако град Скопје има над 100 милиони евра буџет, за медиумски кампањи ќе може да потроши над 500 илјади евра секоја година. По овој принцип пари за медиумски кампањи ќе одвојат и останатите 80 општини.

Целта на измените на законот е легализација на клиентелистичките односи на политичкиот естаблишмент со приватните телевизии, а медиумските кампањи, наводно од јавен интерес, се само изговор да истураат јавни пари во овие медиуми.

Прво ваквата намера се гледа во нејасната и конфузната дефиниција што е тоа кампања од јавен интерес.

„Кампања од јавен интерес содржи исклучиво информативно – едукативни пораки и е насочена кон голем број луѓе во одреден временски период за да се обидат да генерираат специфични резултати или да постигнат предодредени цели, при што на јавноста ќе и се обезбедат потребните информации за причината на самата кампања од јавен интерес“, стои во предлог измените и се додава дека кампањи од јавен интерес не се сметаат теми поврзани со историјата, религијата, политички и дипломатски активности, теми кои се поврзани за одредени личности и настани и активности од минатото кои се веќе завршени, како и теми поврзани со партиски активности.

Освен тоа, темите на кампањите ќе ги утврдуваат пратениците, односно советниците на власта и опозицијата, во комисиите што ќе се формираат во Собранието и советите на општините. За осмислување на идејно решение и продукција на кампањите на централно ниво, владата избира продукциска куќа преку јавен оглас. Според оваа дефиниција и системот на донесување одлуки, пример, владата и опозицијата можат како кампања од јавен интерес да ја прогласат изградбата на нов клинички центар, или било каков иден проект од локален карактер. Така, политички проекти со нејасен општ интерес за граѓаните, ќе се продаваат во медиумите како кампања од јавен интерес.

Фактот дека само седум отсто од вкупната предвидена сума за кампањите од владата ќе се потрошат за осмислување на идејно решение и продукција на кампањите потврдува дека главната цел не е квалитетот на самата кампања, туку тежиште се става на објавувањето во медиуми. Значи кампањата е само алиби да се дадат пари на приватните телевизии.

Дека главната цел преку јавните кампањи не е кревање на свеста на граѓаните за прашања од јавен интерес потврдува и стриктните рокови предвидени во предлогот од утврдување на темата за медиумска кампања, реализацијата, до исплата на парите на медиумите. За разлика од дефиницијата користена за финансирање на Националниот јавен сервис каде има ограда, ако има средства во буџетот, овде формулацијата е јасна, средства мора да има. Значи, пари за јавниот сервис може и да нема, ама за кампањи за приватните телевизии мора да има.

Според постојниот закон за АВМУ, МРТ треба да добие еден отсто од националниот буџет, што е над 40 милиони евра годишно, меѓутоа власта со години одбива да ја спроведе оваа законска обврска.

Освен тоа, ваквото законско решение го руши и принципот на пазарно стопанство поради тоа што парите предвидени за објавување кампањи во петте национални терестирјални телевизии се делат линеарно, без да се води сметка за гледаност, доверба и слично.

Дополнително, цените за објавување на кампањите се утврдува со просечната цена на комерцијално рекламирање во националните телевизии последните шест месеци, со можност  цената да се зголеми до 80 отсто.  И тука нема никакви критериуми и стандарди за утврдување на цени во пазарно стопанство.

Законот е и дискриминаторски затоа што просечната цена за емитување на кампањите од регионалните и локалните телевизии е дозволено зголемување на само 50 отсто, а на националните зголемувањето оди до 80 отсто. по кој критериум ова е направено, не е јасно. Очигледно е напорот на власта и опозицијата да се привилегираат националните телевизии на сметка на локалните и регионалните.

Новинарските и медиумските здружение во принцип се против ваквите концепти за финансирање на приватните телевизии. ЗНМ, ССНМ, МИМ, СЕММ во април годинава испратија писмо претседателот, премиерот, спикерот на Собранието и парламентарните партии, во кое предупредуваат дека откупувањето на простор во медиумите од страна на јавните установи во медиумите за кампањи може да ја поткопа независноста во медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување.

„Дополнително, ова може сериозно да го наруши медиумскиот пазар кој и така е под влијание преку јавни средства кои се предвидуваат во Изборниот закон преку платената политичка програма (ППР). Освен штетата кон независноста на медиумите а со тоа и штетата на правото на информирање на граѓаните, оваа пракса на враќање на платените владини кампањи, може да го манипулира јавниот интерес преку кампањи кои би се промовирале како јавни а во основа имаат политичко партиски цели за промоција на одредени партиски субјекти и нивните политики во приватните медиуми“, стои ви писмото на овие еснафски здруженија.

Насер Селмани