15-годишната охриѓанка Валона Велиу е трета генерација во нејзиното семејство која припаѓа на заедницата на глуви лица. Ако пред нив е личност која не разбира или не го толкува знаковниот јазик, комуникацијата е невозможна. Потешкотии во комуникацијата глувите луѓе имаат секојдневно, дури и кога ги извршуваат наједноставните обврски, како што е пазарувањето. Таа вели дека за нив е неопходно институциите да ангажираат преведувачи и толкувачи на знаковен јазик.
„Во моето семејство има три глуви генерации, дедо и баба, мајка и татко, јас и сестра ми. Како сите млади и јас имам време да седнам пред ТВ, сепак, не разбирам ништо. Седнувам и за мене телевизорот е само кутија со бои. Ако имаше толкувачи кај нас, како и во другите земји, тоа многу би ни помогнало. Животот за мене и за моето семејство е тежок, зборувам од лично искуство. Немаме пристап до банки, продавници, министерства или каде било во општеството. Ниту можам да ги разберам, ниту тие можат да ме разберат мене“, рече Валона Велиу- лице со попреченост.
Од Здружението на толкувачи на знаковен македонски јазик велат дека институциите во земјава треба сериозно да се вклучат во обезбедувањето услови за глувите затоа што станува збор за илјадници луѓе.
На официјалната веб-страница на Националниот сојуз на глуви има 31 сертифициран толкувач на знаковен јазик. 23 септември е Меѓународен ден на овој јазик.