Место во странство, 40 пациенти со прекумерна дебелина ќе можат да направат операција за намалување на тежината кај нас, а трошокот ќе го покрие Фондот за здравствено осигурување. Клиниката за дигестивна хирургија е подготвена до крајот на месецов или на почетокот на следниот месец да почне со операции. За операција ќе бидат издвоени пациенти кои веќе лекуваат дебелина во центрите за дебелина кај нас, но фармаколошкиот начин на лекување и промената на животниот стил не дале резултат. Огнен Костовски, директор на Клиниката за дигестивна хирургија е благодарен што процедурите кои ќе ги изведуваат се препознаени како процедури за отстранување заболувања, а не естетски оти дебелината е болест.

„Имаме буџет за 30 пациенти кои што би биле за хируршко лекување и 10 за експандирачка капсула. Кон крајот на овој месец или следниот би можел да најавам дека би почнале првите интервенции кои би биле на товар на Фондот за здравство. Сите пациенти би биле регрутирани преку центрите за дебелина. Тоа ќе бидат оние пациенти кај кои конзевативниот третман не дал резултат. Хируршкиот тим е комплетно подготвен. Имаме соработка со два центри, двајца наши хирурзи беа на обука во Малта. Имаме сорабтока со центарот за минимално инвазивна хирургија во Ниш. Првите интервенции на некој начин, пластично кажано, ќе бидат и со странска рака. Не дека ние го немаме искуството, вакви интервенции кај нас се вршени и претходно со тоа што сега веќе ќе биде стандардизирање на процедурите“, вели Костовски и нагласува дека на ваков начин обезноста ќе се третира и кај нас како што се третира во светски рамки.

За намалување на проблемите со прекумерна дебелина, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, вели дека треба да почне да се работи во училиштата.

„Сметам дека мора да направиме исчекор во забрана на џанк храна во школските згради и во школските дворови. Џанк храна за мене се шеќерни производи, чипс и газирани производи со многу шеќер. Да се обидеме ужинките и храната во училиштата, бидејќи тоа е времето кога се стекнуваат прехранбени навики, да има што повеќе свежи продукти и се повеќе да говориме за проблемот бидејќи лесен пат нема“, рече директорот Клековски за кого на дебелината веќе не се гледа како на естетски проблем туку како здравствен проблем.

Танер Хасан, директорот на Клиниката за ендокринологија, денес на одбележувањето на светскиот ден на обезноста кажа дека за година и пол, колку што постои центарот за обезност во рамки на Клиниката се направени околу 2.000 прегледи, а во истиот центар во ГОБ „8 Септември“ има околу 1500 прегледи. Тој најави дека до мај ќе биде отворен центар за дебелина во Прилеп, а неопходно е да се отворат исти центри и во другите делови на внатрешноста на земјата.

Текстот Државата ќе плаќа за кратење желудник на прекумерно дебелите, а операцијата ќе се прави кај нас место во странство е превземен од МАКФАКС.