На денешната Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува и расправа Предлог-буџетот за претстојната 2025 година, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов, истиот го окарактеризира како исклучително развоен, со социјална компонента и приходи и расходи кои се со реално ниво на остварување односно извршување.

Тој истакнува дека со овој буџет ќе се постигне макроекономска стабилност со фискална консолидација и тоа преку раст на БДП, понизок буџетски дефицит и умерено ниво на државен долг заедно со високо ниво на капитални инвестиции.

„Сведоци сме во изминатите години, како претходните влади со реализацијата на нивните буџети не направија никаков, ама баш никаков развој во државата. Напротив, имавме назадување и стагнација скоро во сите сфери на општеството, имавме низок раст на бруто домашниот производ, висок буџетски дефицит, ниска реализација на капитални инвестиции, а од друга страна имавме енормно високо ниво на задолжување на државата“, потсетува Дрвошанов на состојбите од изминатите седум години.

Според него овие негативни и штетни политики неизбежно се рефлектираат и имаат влијание како во сегашниот, така и во идниот период и токму поради тоа со Предлог-буџетот за 2025 година, целта е да се консолидира состојбата во државата во сите области, да се стабилизираат економските текови, со што ќе се постигнат солидни финансиски и економски резултати.

„Така, со Предлог-буџетот за 2025 година е планирано да се постигне раст на бруто домашниот производ од 3,7%, инфлација од 2,2% и капитални инвестиции од 50,5 милијарди денари кои ќе бидат реални капитални инвестиции и директно ќе влијаат на зголемувањето на бруто домашниот производ. За споредба, од претходно, во изминатите години оваа реализација на реални капитални инвестиции не помина повеќе од 15 милијарди денари и имавме трансфери кои никако не можат да влијаат врз растот на бруто домашниот производ“, јасно прецизира Дрвошанов.

Во оваа насока, тој потенцира дека особена и сериозна економска активност ќе предизвика и финансиската помош од Владата која се состои во билатералниот заем од Унгарија, односно поволните кредити за стопанството кои се повеќе од потребни за производствените компании кои со ваквата помош ќе го зголемат сопственото производството, вработувањата, а со тоа ќе растат и платите на вработените.