Работата „на црно“ е прекршок насекаде во светот, а Германија не е исклучок. За тоа се зборува со децении, но некои сè уште мислат дека ваквите приказни се претерани.

Сепак, сведоштвото на еден работник објавено во Фејсбук-групата „Балканци во Германија“ покажува дека не станува збор за мит, туку за горчлива реалност која може да има сериозни последици.

Во објавата, што ја пренесе „Телеграф.рс“, мажот раскажува:

„Луѓе, да ви раскажам што ми се случи, можеби некому ќе му помогне да не направи иста глупост. Реков – ајде малку да заработам од страна, платата во Германија понекогаш едвај ги покрива сите трошоци. Ми се јави еден Германец што живее на десет минути од мене и ми рече дека му треба косење трева бидејќи нема време. Јас, глупав, прифатив и си помислив – кој ќе види, една куќичка покрај пат, ќе покосам, ќе земам пари и готово.“

Тој раскажува дека зел косилка, почнал да коси и бил задоволен што ќе земе 50 евра за еден час работа, кога забележал дека сопственикот излегува од куќата со мобилен телефон и нешто снима.

„Го прашав што снима, а тој нешто промрмори на германски. Не разбрав ништо, веќе бев во паника. Се сврте и влезе внатре. Помислив дека можеби снима за да ѝ покаже на сопругата ‘пред и потоа’, и не ни претпоставував што ќе следи“, пишува тој.

По дваесетина минути, пристигнале двајца службеници од Ordnungsamt (Служба за јавен ред и комунален надзор).

„Ме гледаат мене, ја гледаат косилката, го гледаат него на прозор. Ми стана јасно сè. Ме прашаа дали работам на црно, кој сум, дали имам договор. Се збунив, почнав да пелтечам. А најлошо – Германецот излезе и ладнокрвно рече дека првпат ме гледа и дека сум му ѕвонел и нудел услуги без документи. Тука ми зовре крвта, но си реков дека не ми треба уште и затвор“

Службениците ги запишале неговите податоци и му рекле дека случајот оди во Ausländeramt (Служба за странци / Имиграциска служба).

„Сега не знам дали ќе ја изгубам визата, дали ќе платам казна, дали ќе ме депортираат. Ми рекоа дека е добро што не сум фатен порано, бидејќи казните одат и над 5.000 евра. Седам дома и размислувам колку сум бил будала што прифатив да косам трева на црно во земја каде што сè се евидентира. Затоа ги предупредувам сите: немојте да работите на црно – ни косење, ни чистење гаража, ништо. Германија гледа, снима и сè пријавува. А најлошо е што ќе ве пријави токму тој што ве замолил за помош“, напиша тој.

Неговата објава предизвика бројни реакции. Дел од корисниците му понудија совети, додека други ја доведоа во прашање вистинитоста на приказната, наведувајќи дека во Германија работодавачите добиваат многу повисоки казни од работниците.

Текстот Драма на Балканец во Германија: Косел трева кај комшија за 50 евра, сега стравува за својата судбина и ги предупредува сонародниците е превземен од МАКФАКС.