Ајуб Ел Казани вечерва е осуден на доживотен затвор од специјалниот кривичен суд на Париз за неуспешниот напад во возот Амстердам-Париз во август 2015 година, бидејќи беше спречен од патниците кои успеаа да го совладаат, јави дописникот на МИА.

Тројца обвинети за помагање на терористот и нарачателот, Абделхамид Абаауд, се осудени на затворски казни од седум до 27 години затвор.

На 21 август 2015 година, Ел Казани се качил на возот во станицата во Брисел вооружен со калашников, пиштол, секач и 300 парчиња муниција. Бил совладан од патниците, меѓу кои и двајца американски војници, кои биле на одмор и биле во цивилна облека. Тие се фрлиле врз него, спречувајќи го на тој начин „рамнодушно да ги убие сите патници“, наведе судот во својата одлука, следејќи ги барањата на јавните обвинители за висината на казните.

При соопштувањето на пресудата, Ел Казани (31), облечен во карирана кошула и со црна коса врзана во мала пунџа, остана исправен во боксот за обвинетите, без да покаже никакви емоции. 

Во текот на судењето, Ел Казани тврдеше дека од неговиоот нарачател ја добил наредбата-мисијата да ги убие американските војници и членовите на Европската комисија, кои би биле присутни на возот.

Судот потсети дека Американците немале посебни обележја и дека Ел Казани се качил на возот опремен со вистински арсенал за веројатно да предизвика што повеќе жртви. Неговата цел била рамнодушно да ги убие околу 200-те патници во возот, изјави  претседателот на судксиот совет.

Коообвинетите на напаѓачот, Билал Чатра, Редуан Ел Амрани Езерфи и Мохамед Бакали се прогласени за виновни за помагање на Ел Казани и Абаауд за нивното патување од Сирија до Европа, и се осудени на 27, седум и 25 години затвор.

Претседателот на судскиот совет, исто така, потсети дека неуспешниот напад е дел од „вистинската кампања на масовни напади што го достигнаа својот врв“ со нападите од 13 ноември во Париз и во март 2016 година во Брисел.

Пред судот да се повлече изутринава за да одлучува, Ел Казани им се извини на жртвите. „Жалам од дното на моето срце“, рече тој, додека неговиот глас се задуши од липање. (МИА)