Досега преку онлајн апликацијата се попишувале над 60 илјади граѓани од дијаспората, а најголем дел од попишаните се од Швајцарија, од каде се попишале околу 16 илјади граѓани. Следат Германија со околу 10 илјади попишани иселеници и Италија со 6 илјади.
„Далеку послаби резултати имаме во Австралија и Канада“, соопшти денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи воздржувајќи да каже дали ваквите бројки значат силен или слаб интерес за попишување на дијаспората.
Тој смета дека на интересот за попишување влијае одалеченоста на иселениците од земјата и степенот на информираност, но негираше дека има активен бојкот на пописот посебно во Австралија.
„Не можам да исклучам таква можност зашто не можеме сите наши граѓани да ги контактираме за да го слушнеме нивното мислење. Најважно е да стигне информацијата до граѓаните, очигледно не сите граѓани ја знаат важноста на процесот“, вели Османи додавајќи дека овој попис ќе даде точни бројки за иселениците во светот од кои ќе може да се креираат политики нивно враќање во татковинатаи да се спречи понатамошно заминување.
Османи објасни дека при попишување граѓаните најчесто имаат проблем да го внесат матичниот број како и полето за држава каде живеат.
„Потребно е да напишат „Република Северна Македонија“ зашто во спротивно системот не ги препознава македонскиот матичен број во комбинација со друга држава“, додава тој.