Министерот за економија, Крешник Бектеши, и министерот за енергетика на Бугарија, Александар Николов, денеска копретседаваа со работната група за соработка во областа на инфраструктура, транспортот и енергетиката помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот се разговарало за продлабочување на соработката помеѓу двете земји во делот на енергетиката и забрзување на реализацијата на енергетски проекти помеѓу двете земји.

Главна тема на состанокот, како што истакна министерот Бектеши на прес-конференцијата, била обезбедување дополнителни количини природен гас за Северна Македонија.

„Се разгледува можноста за резервирање капацитети за Северна Македонија во складиштата за природен гас, кои се на територијата на Бугарија, за што на 6 или 7 април треба да се одржи состанок меѓу националните енергетски компании од двете земји, НЕР и ‘Булгаргаз’, за да се утврдат деталите и да се забрза процесот. Со менаџментот на енергетските компании разговаравме и за продолжување на интерконекторот Петрич – Струмица до ТЕЦ ‘Неготино’ преку ревидирање на постојната студија. За интерконекторот Петрич – Струмица, се договоривме да се ревидира студијата зашто претходната предвидела да имаме до Штип маркет-тест, но тоа ќе го направиме до ТЕЦ ‘Неготино’ зашто преку ЕСМ се преземени соодветни мерки за да имаме дополнителен капацитет за производство на електрична енергија од природен гас. Тој интерконектор во иднина би можел да биде снабдувач на тој капацитет, кој, најверојатно, ќе биде голем“, рече Бектеши и потенцира дека како долгорочно решение во оваа насока е учеството на Северна Македонија во терминалот за течен гас Александропулос во Грција за што веќе е потпишан договор.

Бугарскиот министер за енергетика, Александар Николов, рече дека Северна Македонија ќе биде снабдена со природен гас и ќе бидат обезбедени сите потребни количини преку Бугарија, без разлика дали Бугарија ќе продолжи да се снабдува од Русија или не.