Лажните вести и говорот на омраза се во директна корелација, оценува новинарката Маринела Величкова, дописник на Бугарската телеграфска агенција во РС Македонија. БТА го отвори своето претставништво во Скопје на 4 февруари годинава.
Токму поради феноменот на лажни вести, додека траат и македонско-бугарските разговори, Величкова вели дека нејзина улога е на бугарската јавност да и пренесува точни информации од земјава. Тоа би биле агенциски вести без дополнителни коментари, кои ќе „патуваат“ директно од Скопје до Софија, а не преку агенции од трети држави.
„Колку поискривена е една информација, толку повеќе може да внесе емоции, а емоцијата не секогаш е правилното однесување во дадена ситуација, во која очигледно треба да се решаваат проблеми. Проблемите се решаваат тогаш кога се поставуваат на маса и за нив се зборува. Тука е и одговорноста на медиумите. Единствено непристрасната информација може да ја смири атмосферата“, изјави Маринела Величкова – дописник на БТА од Скопје.
Ваков вид на претставништво отвори и македонската агенција МИА во Софија, каде присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, а двете агенции се договорија и за меѓусебно споделување вести од двете земји.
Во меѓувреме, надминувањето на говорот на омраза останува едно од клучните бугарски барања од пакетот „4+1“ за деблокирање на евроинтегративниот процес.