Косовската полиција минатата недела го сослушала македонскиот бизнисмен Дритон Шуки во врска со украдена медицинска опрема од Македонија, објави „Радио Слободна Европа“. Шуки, кој во 2019 година донирал 32.000 евра на ДУИ, е сопственик на косовската поликлиника „Авицена КС“, која според истрагата на косовската полиција купила украдена медицинска опрема вредна 45.000 евра за 10.000 евра.

Не е познато за каква медицинска опрема станува збор, ниту од каде конкретно е украдена.

Како што објави „Радио Слободна Европа“, во декември 2019 година Шуки станал член на Централниот одбор на ДУИ и истата година бил најголем донатор на партијата.

Во 2020 година тој бил уапсен на граничниот пункт во Хани Елезит на косовско-македонската граница. Полицијата тогаш се сомневала дека неговата поликлиника незаконски правела ковид тестирања.