Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ангажирал нов тим од адвокати непосредно пред почетокот на вториот процес за негов отповик.

Од канцеларијата на Трамп е соопштено дека неговата одбрана ќе ја предводат Дејвид Шоин и Брус Кастор. “CNN” нешто порано јавил дека првобитниот петчлен тим на одбраната нема да го претставува Трамп поради, како што се наведува, несогласувања околу правната стратегија.

Извори за “CNN” рекле дека Трамп сакал адвокатите да се концентрираат на обвиненијата за наводните нерегуларности на претседателските избори, а не за оспорувањето на легитимитетот за отповик против поранешниот претседател.

Во соопштението од канцеларијата на Трамп истакнуваат дека Шоин и Кастор се согласни дека процесот против поранешниот претседател е неуставен. Големо мнозинство од пратениците од редовите на Републиканската партија, го поддржуваат тој став.

Трамп се соочува со втор процес за отповик по смртоносниот упад на неговите приврзаници во зградата на Конгресот на 6-ти јануари, кога загинале шест лица, вклучувајќи и полицаец.

Процесот кој е сличен на судско рочиште бидејќи сенаторите работат како поротници треба да започне на 9-ти февруари. Неопходно е двотретинско мнозинство за Трамп да биде прогласен за виновен и да му биде забрането повторно да работи на јавна функција.