Амбасадорот на Суверениот Воен Ред на Малта во Република Северна Македонија, Франческо Саверио Џуисти, донираше медицински апарати и опрема за болницата во Гевгелија, соопштија од Амбасадата.

Опремата се состои од ECG апарат, аспиратор за сукција, апарат за притисок, куфери за ампуларна терапија, сет шанцови кравати, сет имобилизатори, имобилизатори за глава, фиксационен систем, кревет за прегледи, телескопски параван, сталци за инфузија за потребите на Итната медицинска помош, која е дел на Општата Болница во Гевгелија.

Церемонијата за донација на медицинските апарати и опрема се одржа во просториите на Општата Болница во Гевгелија во присуство на Амбасадорот Џуисти, директорот на болницата д-р Александар Киров, како и останатиот персонал на Болницата. На состанокот било договорено дека и во текот на следната година Амбасадата ќе продолжи да ја поддржува Болницата.

Инаку, Суверениот Воен Ред на Малта, амбасадата во Република Северна Македонија, најавува спроведување на слични хуманитарни иницијативи во иднина, со цел да се помогне на најзагрозените и на лицата со посебни потреби.