Не знам која фирма до кого е блиска. Тендерите за ископ на јаглен во РЕК Битола се јавни, отворени и транспарентни и никој економски оператор не се пожалил на постапката. Истите фирми работат со РЕК Битола по 10-15 години, вели директорот на ЕСМ Васко Ковачевски во неделното интервју на Радио Слободна Европа, коментирајќи ги обвинувањата дека фирми блиски до Вице Заев, брат на поранешниот премиер, добиваат тендери за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Во исто време додека домашното производство на струја се намалува, во енергетскиот бизнис се вклучени Кочо Анѓушев, Христијан Мицкоски, а сега и синот на Зоран Заев, синот на Муса Џафери… Има ли поврзаност меѓу тие две работи? Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски без конкретен одговор.

Во изминатиот период во јавноста излегоа информациите за ова ваше прашање, односно за блиски роднини на функционери коишто се во делот на бизнисот со електрична енергија. Јас можам да кажам она што е за нас важно и одговорно за државните капацитети со кои располага државата, тоа е АД ЕСМ и со законот за либерализација од 2019 година и законот за енергетика, којшто предвидува повеќе инвестиции во обновливите извори на енергија, дава можност и за сите оние што се заинтересирани да инвестираат во енергетиката, затоа што енергијата значи живот и значи иднина. Ние исто така со тој закон сме посветени сериозно да инвестираме во делот на обновливи извори на енергија и токму затоа веќе сме во тек да инвестираме во тие 12 проекти што ги споменав. Така што, сите чинители во државата кои можат да инвестираат во енергијата, вклучително и ние како држава, сме посветени да инвестираме колку е можно повеќе за да ги зајакнеме капацитетите во државата и да бидеме колку е можно помалку зависни од енергија од увоз.