Царинската управа на Република Северна Македонија ја заврши постапката за меѓународна валидација на Програмата за Овластен економски оператор (ОЕО), со што македонските ОЕО, покрај погодностите во нашата држава, ќе имаат големи погодности и во земјите на ЦЕФТА, како што се приоритетно минување на граничните промени, помалку контроли, избегнување на двојно поднесување документи, бесплатни обуки, информираат од Царинската управа.
Во соопштението наведуаат дека во извештајот на меѓународните валидатори од земјите членки на ЦЕФТА, ЦЕФТА Секретаријатот, Европската Комисија и експерти на ГИЗ, со највисоко ниво е оценета Програмата за ОЕО на Република Северна Македонија, во кој е потврден дека законски е усогласена со законодавството на ЕУ, а постапките и процесите се во согласност со меѓународните стандарди на ЕУ и на Светската царинска организација.
Појаснуваат дека постапката за меѓународно признавање започна во јуни 2020 година и Република Северна Македонија е прва земја во ЦЕФТА што доби меѓународно признавање.
Оценуваат дека ова признание е потврда на посветеноста на Царинската управа за градење на партнерски однос со деловната заедница и создавање услови за побрзо минување на граница и олеснување на царинските постапки.
Список на компании што се Овластен економски оператор може да се прочита на следниов линк: https://customs.gov.mk/index.php/mk/biznis-zaednica-mk/aeo-mk/1989-spisok-na-ovlasteni-ekonomski-operatori.