При домашна посета може болниот да се прегледува, да се даде мислење за терапија или да се аплицира веќе назначена терапија како интрамускулна, интравенска или некој друг вид медицинска услуга, вели доктор Арбен Асани, специјалист интернист при Општа болница „One Hospital“.
Во услови и време на пандемија, како што се наоѓаме ние од минатата година, кога здравствениот систем како никогаш не бил пооптоварен и посериозно нарушен, не само кај нас во нашата држава туку и во целиот свет, кога има голем недостаток на персонал, на услови и средства во повеќе здравствени установи, кога лекарите и другите медицински лица се трудат максимално да им излезат во пресрет на потребите на болните, кога има еден внатрешен страв од евентуална зараза со смртоносниот вирус Sars-Covid 2 како причинител на тешката белодробна болест ковид-19, при посета на здравствените установи и честото одбивање на пациентите да се прегледуваат во таквите институции, тогаш најмногу се чувствува потребата од посета на болните во домашни услови. Оваа услуга во овие моменти е доста одговорна, напорна и со многу ризици, како за медицинскиот персонал, така и за другите луѓе околу болните лица.
Што се подразбира со домашна медицинска посета?
Домашна медицинска посета подразбира преглед или медицинска услуга на болни од страна на медицински тим во домашни услови. При домашна посета може болниот да се прегледува, да се даде мислење за терапија или да се аплицира веќе назначена терапија како интрамускулна, интравенска или некој друг вид медицинска услуга.
Што треба да има предвид медицинскиот тим при домашна посета?
Медицинскиот тим што прави домашна посета е претходно најавен, подготвен со потребната медицинска опрема и со посебна стручна и едукативна подготвеност и посветеност во зависност од потребата на болниот. Тимот може да се состои од општ лекар или специјалист од повеќе области (интернист, анестезиолог, хирург…) со посебна стручна подготовка, едуцирана медицинска сестра за итни случаи, болничар или друго медицинско лице за евентуална физичка помош при потреба од пренос на болниот во медицинска установа ако тоа го бара и одлучува лекарот во тимот. Превозното средство исто така треба да биде опремено со потребната апаратура (монитор, кислородна боца, ЕКГ, дефибрилатор и други средства) за ургентна медицина потребни при преглед и услуги во домашни услови.
При кои состојби болните имаат потреба од домашна посета?
Домашна посета може да се бара при повеќе состојби, кога пациентот при хронична или акутно настаната состојба не е во можност да се движи или да дојде до здравствената институција за некоја здравствена услуга. Такви состојби има многу, но најчестите за кое болните бараат домашна посета се следните:
– Болни со невролошки патологии, со цереброваскуларни инсулти со последователна парализа на еден, два или повеќе екстремитети;
– Болни со тешка кардиоваскуларна болест со последица на ограничено движење и неподвижност од постела;
– Болни со мускулно-скелетни пореметувања и фрактури, кои се имобилизирани или се немоќни за движење;
– Болни со тешки гастроентеролошки, ендокринолошки или нефролошки болести, при што е загрозено движењето и пациентот е врзан за постела;
– Болни во сомнолентно-коматозна или шокова состојба од повеќе причини, како дехидратација, сепса или обилно крвавење, и многу други болести.
Како се изведува домашна посета кај нас?
Ние во нашата болница „One Hospital“ во Тетово имаме стручен медицински тим подготвен и со посебна едукација за домашна посета. Најпрвин членови од блиската фамилија нè контактираат лично или болниот се јавува кај нас и по објаснување на состојбата, можностите и потребите на пациентот, се договара со надлежните лица за организирање на домашна посета. Потоа се подготвува тимот со сите потребни средства и се дефинира времето и услугата што треба да ја прими болниот. Откако ќе биде сè подготвено, се прави домашна посета на терен на адресата што е дадена од страна на болниот.
Д-р Арбен Асани, специјалист интернист при Општа болница „One Hospital“, Тетово