Демократска обнова на Македонија (ДОМ) изразува целосна поддршка на граѓанската иницијатива за заштита на планината Кожуф од изградба на мали хидроелектрани и се солидаризира со активистите и здруженијата кои денес го формираат живиот штит и организираат блокади за да ја спасат планината од еколошка деградација.

„И покрај претходните ветувања од институциите и политичките партии и покрај јавниот отпор уште во 2023 година, денес гледаме повторно активирање на концесии и дозволи за проекти што се во директен судир со интересите на локалната заедница и јавниот интерес“, велат од ДОМ.

Од партијата додаваат дека планината Кожуф претставува едно од ретките природни богатства со сочуван биодиверзитет, извори на чиста вода и воздух и огромен потенцијал за еколошки туризам и одржлив развој.

„Наместо да се уништува за краткорочни економски интереси, таа заслужува внимателна и долгорочна заштита. Затоа, ДОМ го поддржува повикот за итно повлекување на спорните дозволи за градба, прекин на сите активности за изградба на мали хидроелектрани на Дошница, како и за започнување институционална постапка за прогласување на Кожуф за Национален парк“, велат од партијата.

Од таму додаваат дека како партија со јасна зелена агенда, ДОМ отсекогаш стоела на страната на природата, локалните заедници и еколошките вредности. „А денес, стоиме заедно со граѓаните кои одлучија да не молчат. Затоа што борбата за Кожуф е симбол на тоа дали имаме држава која ги штити своите природни богатства или ја продава иднината за нечии приватни интереси“, велат од ДОМ.