„Долго време бевме трпеливи и имавме разбирање за економската состоја во нашата држава. Но на трпението му дојде крајот. Мора да се избориме за нашите права и за достоинствени плати. Доколку ние тоа не го направиме никој за нас тоа нема да го направи. Ние сме претставници на научната заедница и свеста и совеста на нашето општество. Ние сме тука за нашите студенти, за нивното образование затоа што тие се иднината на нашата држава“, рече денес професорот на Правниот факултет Ангел Ристов на протестот на наставниот и ненаставниот кадар на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кој се одржува пред Ректоратот.
На протестот присуствуваа околу 300 незадоволни вработени во универзитетот.
„Ние веќе нема да молчиме. Автономијата без достоинствени плати е илузија. Денеска еден доцент доктор на науки има пониска плата од просечната плата во државата. Платите на ненаставниот кадар се под достоинството. Ова го нема никаде го нема во Европа и во светот. УКИМ со децении е заборавен и запоставен од сите досегашни влади. Наместо да биде двигател на развојот во општеството, носител на прогресот, креатор на иднината на младите, денес УКИМ се бори за голата егзистенција. Прашувам дали во оваа држава уште е потребно високото образование. Од односот на државата јасно произлегува одговорот. Наместо да обезбеди достоинствени финансиски и материјални услови за истражување и за наука, системски да се решат примањата на наставниот и ненаставниот кадар на УКИМ државата не го прави тоа“, рече професорот Ристов.
Тој рече дека Владата се обидува со минимални покачувања на нашите плати да ги задоволи барањата на нашата академска заедница и ненаставниот кадар. „Тие покачувања веќе одамна инфлацијата ги изеде неколку пати. Се покачи минималната плата, расте просечната плата, се зголемија платите на лекарите, на судиите, на обвинителите и на голем број други професии. Само ние вработените на УКИМ останавме заборавени“, рече тој.
Ристов дополни дека овој протест има за цел да прати порака до Владата дека веќе не може вака. Предлозите за минимално покачување на нашите плати најавени за од септември, не ги прифаќаме, вели тој.
„Бараме конечно Владата да прифати дека науката и образованието се од суштинска важност на иднината на државата. Бараме итно да се потпише нашиот колективен договор за кој преговараме повеќе од една година, за да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. Бараме значително да се подобри нашата материјална положба со вистинско и систематско четиригодишно покачување на платите за да дојдеме до достојното ниво на плати. Доколку ова наше барање Владата не го прифати, нашиот следен собир ќе биде пред Владата но во многу поголем број бидејќи дел од нас и денес останаа совесно да ги држат испитите и да ја спроведуваат наставата. Но на следниот собир доколку Владата не ги исполни нашите барања ветуваме дека ќе испорачаме посилен глас од целото наше членство и вработени. Од нашите барања нема да се откажеме. Имаме силна поддршка од ректорската управа и од Сенатот на универзитетот“, порача Ристов.