Љуан ИМЕРИ  

Последните анализи на Светскиот економски форум укажуваат дека ќе ни бидат потреби уште 136 години за да се затвори глобалниот родов јаз. Пред пандемијата оваа бројка беше околу 100 години. Во секоја криза било да е тоа пандемија, војна, или економска криза жените се несразмерно погодени. Како резултат на пандемијата многу повеќе жени отколку мажи ги загубија своите работни места. Неодамнешните извештаи на UN Women покажаа дека КОВИД-19 втурна стотина милиони луѓе во екстремна сиромаштија но сепак, повеќето од нив се жени и девојчиња. Четири од 10 вработени жени во Индија ги загубија своите работни места за време на пандемијата.

И покрај неколку значајни промени во поглед на политиките и процесите за унапредување на родовата еднаквост, во комплексен контекст најпрво поради пандемијата, па поради почетокот на руската воена агресија врз Украина и последователните економски нарушувања, жените насекаде во светот ја плаќаат повисоката цена (истите жени кои и кога се во работен однос, за иста работа зимаат помала плата од мажите). Најчесто најмногу патат секторите во кои жените почесто се вработени. Дополнително, при некоја криза, од нив се очекува да работат неплатена работа како што се грижата за децата и други домашни обврски. Како резултат, жените го понесоа товарот несразмерно: губење на работни места, предизвици за пристап кон здравствените услуги, ослабени системи за социјално осигурување и зголемена родова злоупотреба и насилство.

Индексот за родова еднаквост мери колку далеку (или блиску) се државите (членки) од постигнувањето целосна родова еднаквост. Индексот на родова еднаквост во Северна Македонија во 2022 година (според последните достапни податоци од 2019 година) изнесува 64,5 поени од максималните 100 и има прогрес од 2,5 поени споредено со последното мерење во 2019 година. Доколку прогресот се одвива со ова темпо на земјата би и биле потребни приближно 57 години за да постигне родова еднаквост во сите домени. Сепак доколку се земе предвид влијанието на пандемијата сигурно оваа бројка драстично ќе се зголеми и кај нас како и насекаде низ светот. Но без разлика дали попесимистички или оптимистички ги гледаме бројките, сите домени на Индексот покажуваат потреба од значајно подобрување и покрај напредокот што е постигнат од последното мерење. Факт е дека напредокот кон родовата еднаквост е намален. Се повидливи се социо-економските нееднаквости во здравството, приходите, образованието и менталната благосостојба. Дополнително, последните истражувања укажуваат на тоа дека жените имаат помалку финансиски познавања и се помалку самоуверени.

Низ годините се направени многу анализи кој ја следат родовата рамноправност во нашата земја. Сигурен сум дека бројките нема да ве изненадат, а тие укажуваат на тоа дека мнозинството од тие што носат одлуки, креираат и донесуваат стратешки документи, политики и буџети се мажи, огромно мнозинство на градоначалници се мажи, претседатели на Совет, раководителите на сектори и одделенија се претежно составени од мажи. Иако жените се значително позастапени во наставниот кадар на училиштата, сепак поголемиот дел од раководните позиции им припаѓа на мажите.

Бројките само ја отсликуваат реалноста. Но што се крие зад овие бројки? Покрај директната и индиректна дискриминација се крие и сложена мрежа на фактори кои влијаат и ги ограничуваат можностите за жените. Жените се принудени да работат и избираат различни занимања од мажите, односно занимања кои се помалку платени. Поголема е веројатноста дека жените ќе работат со скратено работно време. Има докази за казна за плата за мајчинството – постои негативна врска помеѓу платата на жената и бројот на деца што ги има. Според податоците на ОЕЦД, казната за мајчинство изнесува околу 7% намалување на платата за дете. Исто така, постојат некои докази за премијата за татковство: позитивна врска помеѓу платата на мажот и бројот на деца што ги има. Постои и значителен обем на работа поврзана со водење домаќинство и воспитување деца. Таа работа постои, не е платена но некој ја извршува.

Дискриминацијата, стереотипите и имплицитните предрасуди сè уште играат значајна улога. Дури и ако се отстранат ефектите на образование, занимање, сектор и ефектите на мајчинство, родовиот јаз во заработката односно платите останува. Овој јаз е доказ за постојана дискриминација, стереотипизирање и имплицитна пристрасност во заработката и можностите за унапредување на жените. Владините политики, правната заштита и промените во деловните практики, како што се редовните анализи на платите на приходите по пол и транспарентноста на платите, се неопходни за борба против овие извори на родовиот јаз во платите. Еднакви можности во сите институции се клучни за постигнување родова рамноправност. Традиционалните родови стереотипи, улоги и предрасуди, кои несразмерно ги погодуваат жените и мажите, се причината за постојната родова нееднаквост во сите институции.

Неискористените потенцијали на жените во различни области претставуваат загуба за општеството. Мора да се подигне свеста за овие прашања. Се сеќавате на Бестрашното девојче – бронзената статуа на девојка која беше поставена пред Бикот од Волстрит на 7 март 2017 година (еден ден пред Меѓународниот ден на жената). Таа одигра огромна улога во подигнување на свеста и да се поттикне женското лидерство. Нејзиното симболично поставување поттикна дебата за улогите на жените, особено во финансиските професии, и укажа на важноста на довербата, особено во областа на финансиите и инвестициите. Мажите и жените треба да имаат исти економски можности во животот. Но, насекаде низ светот, и покрај напредокот, протестите и законодавството, постои постојан јаз помеѓу платата на мажите и жените. Може да се направи повеќе за поправедно споделување на родителските обврски, може да подобрат политиките за платено родителско отсуство, може да се зголеми учеството на татковците во грижата за децата, може да се работи повеќе во намалување на родовите стереотипи, предрасудите и дискриминацијата, може да се направи повеќе за поголема заштита на жените жртви на насилство, може да се променат деловните практики, може да се влијае и врз транспарентноста на платите. Може да се работи повеќе и на зајакнување на жените и девојчињата, посебно на девојчињата. Може, ама не сакаме. Бестрашната девојка ќе стане бестрашна жена! Е, од тоа се плашиме.