Катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани одржа прес-конференција во Доха на која потврди дека е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Договорот ќе стапи на сила во недела на 19 јануари, рече тој.
Првата фаза од договорот за прекин на огнот, која ќе трае 42 дена, ќе вклучува распоредување на израелски сили долж границата со Газа, рече катарскиот премиер. Како дел од оваа фаза, Хамас ќе ослободи 33 израелски затвореници, вклучувајќи жени, деца, постари лица и цивили кои се ранети или болни. За возврат, Израел ќе ослободи одреден број затвореници кои се чуваат во израелските затвори, додаде тој.
Фазата ќе вклучува враќање на раселените лица во нивните домови и ќе овозможи патување на ранетите и болните лица за да добијат медицинска помош.
Првата фаза ќе обезбеди и зголемен пристап до хуманитарна и друга помош до сите делови на Појасот Газа, како и реконструкција на болници, здравствени центри и пекари. Исто така, ќе се овозможи влез на гориво, опрема за цивилна заштита и основни потреби за раселените лица кои ги загубија своите домови за време на војната.
Што се однесува до втората и третата фаза, тој рече дека деталите ќе бидат финализирани откако првата фаза ќе биде успешно имплементирана.
Текстот Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас ќе стапи во сила во недела, објави катарскиот премиер е превземен од МАКФАКС.