Промоцијата и начинот како беше промовирано потпишувањето на договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10Д предизвикува бурни реакции на социјалните мрежи и во медиумите. И покрај тоа што има и такви кои проектот го оценија како историски, други потсетуваат на нереализираните проекти, злоупотребите и празните ветувања. Колумнистот Арсим Зеколи во текст за „Дојче веле“ ја изрази својата критика.

„Очекувано, пропагандните петлиња на Ахмети и Груби едвај дочекаа да го прикажат потпишувањето како „историски подвиг на Али и Артан за добро на сите Албанци“, поткрепено со укажувањата дека станува збор за инфраструктурно поврзување на Косово, Македонија и Албанија. Сепак, таквите пропагандисти се прилично тивки кога ќе ги запрашате уште колку децении ќе трае изградбата на автопатот Скопје – Блаце или пак за роковите во кои треба да се доврши асфалтирањето на сокаците во Серава. Како и да е, можеби пред неколку години таквиот обид за прикажување на чисто профитерскиот проект на изградбата на автопатите во црвено-црните бои на албанскиот патриотизам ќе имаше поголем успех. Но, не и во оваа Македонија на стотици неисполнети ветувања дадени од Ахмети, Груби, Османи“, пишува Зеколи.

Критичен во текст на Фејсбук беше и Фејзи Хајдари, познавач на случувањата.

„Коридорот 8, никогаш, никогаш, сè може да биде, ама „историски“ никогаш. Секој што мисли дека е „историски“ е или супер-наивен или сака да има политичка корист. Како може проектот кој започна во 2012 година да биде „историски“, додека во 2023 година е прогласен за „историски“!!! Можеби тоа може да биде историско за оние кои го промовираа и се надеваат дека можат да грабнат од овој проект, како и од многу други проекти. Навистина, во нашиот случај, проектите се крадат на софистициран начин, токму кога проектот што е започнат пропаѓа, а потоа почнуваат „анекси врз анекси“ и многу други можности за неконтролирана корупција и финансиски малверзации…“, вели Хајдари.

Освен аналитичарите, договорот го критикуваа и од опозицијата. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски вели дека немањето проект е основа за сомнеж.

На социјалните мрежи имаше и критики за спортското поигрување со кое министрите од ДУИ го прославија финализирањето на договорот.