Договорот со Фронтекс кој што беше потпишан лани во октомври како прв договор меѓу Македонија и Европската унија требаше да биде првото нешто што пратениците во оваа година ќе го донесат. Откако помина на надлежните собраниски комисии требаше да се најде на дневен ред за гласање на пленарната седница, која откако започна експресно беше прекината поради немање кворум. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го образложи овој договор за кој рече дека со законот ќе може и оперативно да соработуваат тимовите на МВР и Агенцијата за крајбрежна и гранична стража на Европската комисија.
„Додека да се операционализира Договорот од Фронтекс веќе ги доставивме писмата и продолжува билатералната акција која што ја имаме со неколку држави од Европската унија од регионот за обезбедување на нашата јужна граница каде што имаме некаде околу 160 полициски службеници од повеќе земји членки на Европската унија и од регионот е Србија така што ова ќе биде еден преоден период во кој што ќе можеме да, сите подготовки кои што се оперативни ги завршиме и да конечно се започне со имплементацијата на договорот“, вели Оливер Спасовски, пренесува ТВ 21.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски праша дали Фронтекс ги поништува договорите што ги имаме со другите земји за обезбедување на границата, на што Спасовски одговори дека тој не ги исклучува овие билатерални договори.
„Дали билатералните ангажмани на полициски службеници и безбедносни сили од Словенија, Унгарија, Чешката Република и други држави кои што се ангажирани на јужната граница на Македонија, дали тоа значи дека со овој Договор после тие сили ќе бидат заменети со припадници на Фронтекс или остануваат билатералните ангажмани и покрај овој договор“, додава Антонио Милошоски.
„Договорот склучен со Фронтекс не ги исклучува сите овие билатерални договори кои што ги имаме дури ние сега започнуваме еден процес, би рекол на склучување на анекси на постојните договори, се со цел да уредиме одредени прашања. Веќе напоменав дека до крајот на 2023 година и финансиски средства и полициски службеници кои што ќе учествуваат во билатерална акција“, порача Оливер Спасовски.
		






















