Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, денес повторно се послужи со националистичка реторика и закани за отцепување на Република Српска од БиХ, а причина за тоа беше одлуката на Уставниот суд на БиХ да ја отфрли неговата жалба против пресудата со која беше осуден на една година затвор и за која го изгуби мандатот.
„Јасно е дека Уставниот суд на БиХ е дел од клан чија цел е да го укине Дејтонскиот мировен договор“, рече Додик на прес-конференцијата што ја одржа во седиштето на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Бања Лука. Додик е сè уште претседател на партијата, иако постојат толкувања според кои тој не можел ниту да ја извршува таа функција откако Судот на БиХ го осуди на шестгодишна забрана за политичка активност покрај затворската казна.
Ова моментално се дискутира помеѓу Судот на БиХ и општинскиот суд во Бања Лука, каде што е регистрирана СНСД. Сепак, Додик се претстави како претседател на РС, иако тој мандат му беше одземен по сила на закон, а парламентот ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремен претседател до изборите закажани за 23 ноември.
Тој рече дека зборува од просториите на СНСД „само од формални и правни причини“ и го искористи своето појавување пред печатот за да испрати порака дека БиХ ќе се распадне, а РС ќе стане независна држава. „Сè што кажавме дека се наши политички цели ќе продолжи да нè води во иднина“, рече тој.
Додаде дека за него, БиХ е „завршена приказна“ и најави дека ќе следи општа парализа на државно ниво. Во февруари, парламентот на РС донесе низа закони со кои де факто се обидоа да спроведат сецесија, но овие закони беа откажани под притисок на американската администрација, која пак ги укина санкциите врз Додик.
Американскиот претставник во Советот за безбедност на ОН минатата недела разјасни дека администрацијата на Доналд Трамп сега очекува „деескалација и стабилност“ во БиХ, но Додик денес посочи дека не се откажува од реториката што го доведе до санкции.
Тој рече дека „обединетите муслимани и глобалисти“ упорно го уништуваат Дејтонскиот поредок, па затоа БиХ всушност се распадна поради тоа. „РС и јас како претседател веруваме дека не постои уставна БиХ. Постои БиХ во слободен пад и сакам да кажам нека оди по ѓаволите“, рече Додик.
Тој ја обвини Европската Унија за поттикнување на бездржавност и желба да ги одземе сите права на РС, а ја именуваше европската комесарка Марта Кос како главен виновник. „Ако нè влечат во ЕУ без статус и право на глас, јас сум против тоа. РС ќе биде против тоа“, рече тој.
Текстот Додик: БиХ е завршена приказна, нека оди по ѓаволите е превземен од МАКФАКС.























