Повикот на Светската здравствена организација (СЗО) од мај годинава итно да се забранат ароматичните цигари за да се заштитат младите не допре до македонските институции. Ароматичните никотински производи, кои светот ги забранува, кај нас се во слободна продажба, а единствен исклучок треба да биде возраста. Како и сите други производи од тутун, и тие се забранети за лица под 18 години, но едноставна прошетка до најблиското училиште покажува дека огромен број деца излегуваат токму со електронски цигари в рака.
„Вејпање“, броење хитови и земање џус се меѓу главните теми за расправа на секој одмор во училиштата. „Макфакс“ побара објаснување за значењето на оваа нова терминологија, но и за тоа дали знаат дека се штетни и забранети во многу земји.
„Многу е едноставно, ‘вејпање’ е пушење оти ‘вејп’ се вика цигарата, хит е едно повлекување чад од цигарата, а џус не е сок за пиење, туку течност со некаква арома за електронска цигара. Има секакви ароми и вкусови. Штетни се, да, ама па и многу други работи се штетни?“, вели средношколка, која сведочи дека и во основно училиште многумина пушеле електронски цигари и „вејпале“.
Освен на училиште, искуства за електронските цигари си разменуваат и на социјалните мрежи. Организирани во посебни групи може да прашаат сѐ што ги интересира, а може и да си купат цигари откога, едноставно, ќе излажат за годините оти официјалните продавачи имаат прашалник за возраста, па на оние што ќе се изјаснат како малолетни не им е дозволен пристапот.
Границата за пушење цигари е симната под 12 години
Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија, го потврдува она што се гледа во училиштата за масовната употреба и на класичните и на електронските цигари. Неговиот став е дека, без дилема, што побргу треба да се послуша препораката на СЗО и да се забрани употребата на ароматичните електронски цигари, кои се особен предизвик за младите.
„Најдобро би било да се забранат. Кај нас тие се резултат на влијание од странство, ние немаме свое производство на електронски цигари, па доволно е да се забрани увозот, но се работи за една огромна индустрија, која нема да исчезне тукутака. Затоа треба итно да се почне со предавања уште во основните училишта оти податоците покажуваат дека границата на луѓе што употребуваат тутун во разни форми е симната под 12 години, тоа значи уште во основно училиште. Тоа треба да нѐ загрижи. Треба да се воведат часови на кои психолози и социолози ќе им зборуваат за штетното влијание и ако успееме да спасиме пет деца, тоа е успех за кој вреди да се потрудиме“, вели директорот Зафировски и нагласува дека нашата земја е меѓу првите три на Балканот по употреба на тутун.
Главниот слоган, според Зафировски, треба да биде „Биди паметен, не почнувај“ оти ако само еднаш пробаш, лесно ќе се навлечеш, а потоа е тешко да се одвикнеш. Тој смета дека совети треба да даваат и лекарите, тргнувајќи од матичните, кои се првата линија, но и сите други, и тоа не само со зборови, туку и со личен пример.
„Страшно е што кај нас и лекарите не може да влијаат оти и голем број од нив ги употребуваат овие цигари, па се случува – како вие ми кажувате дека се штетни, а самиот ги употребувате? Ние на Клиниката имаме посебен тим со психолог, кој помага за одвикнување од цигари. Има понекој што доаѓа, обично тоа се наши пациенти, но нема континуитет. Доаѓаат два-трипати и се откажуваат. Наши пациенти, кои имаат ХОБС или астма, знаеме дека употребуваат електронски цигари, но кога ќе ги прашаме, не признаваат. Мислат дека се помалку штетни, а ние како лекари немаме дилеми дека се штетни. Електронските цигари и уредите за згревање тутун, каков и да им е називот, се многу штетни. Високата температура што ја развиваат за да се загрее тутунот прави оштетувања и на горните и на долните дишни патишта. Ја оштетуваат слузницата и на трахејата и на белите дробови“, објасни директорот Зафировски.
Тој вели дека е во тек со сите нови истражувања на оваа тема и ги следи препораките за влијанието на електронските цигари и на оние со посебен мирис и вкус. Јасно е дека кардиолозите и пулмолозите во светот јасно укажуваат колку се штетни, но му пречи што сѐ останува само на препораки.
Канцеларијата за дрога и криминал на ОН ќе обучи 150 наставници за заштита од употреба на цигари, дрога и алкохол
Министерството за образование од оваа учебна година почнува со засилени активности преку кои ќе им укаже на учениците колку се штетни сите видови цигари. Воведен е слободен изборен предмет Учам за моето здравје за VII одделение за кој е изработен прирачник за наставници, направена им е и обука за начинот на предавање во соработка со Светската здравствена организација, а планирани се и активности во соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.
„Во учебната 2025/2026 година Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, во соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) и ЛЦИФ, ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма ‘Вештини за адолесценција’. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет, преведена е и се користи на над 40 јазици“, велат од Министерството за образование.
Освен новите активности, од Министерството за образование посочија дека за сите ученици има многу програми за наставни и воннаставни активности за заштита од злоупотреба на алкохол, тутун и дроги, во чии рамки се влијае и на употребата на електронските цигари. Списокот на активности од таму велат дека не е конечен, туку дека постои простор за унапредување на здравствената писменост во училиштата, ќе работат на тоа и секоја сугестија сметаат дека е вредна за разгледување.
ИЈЗ не ја исклучува можноста да иницира забрана за ароматични електронски цигари
Институтот за јавно здравје засега нема конкретни активности за постапување по препораката од Светската здравствена организација за забрана на ароматичните електронски цигари. Директорката Марија Андоновска вели дека сите досегашни препораки за заштита од пушењето се во согласност со Светската здравствена организација.
„Ние како Институт даваме препораки за заштита од пушење, кои се во интерес на јавното здравје онолку колку што ни дозволува законската рамка. Засега нема законска забрана за употреба на ароматични електронски цигари, но тоа не ја исклучува можноста да работиме и на иницијатива со која ќе се забранат. Употребата на електронските цигари кај нас бележи голем скок по либерализацијата на нивната употреба во 2021 година, односно откога употребата на електронски уреди за согорување тутун не се смета за пушење и тие не подлежат на забраните од Законот за заштита од пушењето“, вели директорката Андоновска за „Макфакс“.
Последното истражување на ИЈЗ за употреба на електронски цигари меѓу средношколците презентирано лани покажа дека има ученици што првпат пробале електронска цигара на 9 години и дека 29,6 отсто од учениците користеле електронски цигари, барем еднаш во животот.
Аромите во тутунските производи се манипулација со младите, алармира СЗО
Во мај годинава, по повод Светскиот ден без тутун, СЗО ги повика владите од целиот свет да ги забранат сите ароми во тутунските и во никотинските производи за да ги заштити младите оти аромите ја маскираат токсичноста на производите и ги претвораат во слатка мамка за младите. Според СЗО, вкусовите и аромите, заедно со шарената амбалажа и агресивниот маркетинг на социјалните мрежи, ја поттикнуваат зависноста и ја отежнуваат борбата против пушењето.
„Гледаме генерација што станува зависна од никотин преку кесички со вкус на гумени бонбони и ‘вапови’ во боите на виножитото. Ова не е иновација – туку манипулација и мора да ја запреме“, изјави д-р Рудигер Креш, директор за здравствена промоција во СЗО.
Според податоците на СЗО, над 50 земји во светот веќе забраниле ароматизиран тутун, повеќе од 40 забраниле продажба на е-цигари, 5 земји имаат забрана за еднократни е-цигари, а 7 земји забраниле ароми во е-цигари.
Текстот Додека светот ги забранува, ароматичните електронски цигари се помасовни кај нас: деветгодишни „вејпаат“ и бројат хитови е превземен од МАКФАКС.