Потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи смета дека наскоро ќе добиеме „Заев 3“ Влада, повторно предводена од Зоран Заев, со тоа што ќе се сменат шест-седум министри.

За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак вистинското прашање не е дали, туку кога оваа Влада ќе падне.

Биљал Касами, претседателот на Движењето Беса, вчера потсети дека партиските органи одлучиле да останат дел од опозицијата. Тој не ја исклучува можноста за идна соработка ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, но категорично одбива да бидат дел од Влада во која би била и ДУИ.

Алтернатива следната недела ќе реши дали ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство, а одлуката за тоа дали партијата ќе влезе во Владата ќе биде донесена по најавената средба на партискиот лидер Африм Гаши со премиерот Зоран Заев.

Вицепремиерот Битиќи вчера за „Утрински брифинг“ изјави дека реконструкција на Владата е добра и треба да има одредена промена на кадрите. Нова влада или реконструкција на Владата, како што нагласи, подразбира преговори меѓу коалициските партнери за распределба на нови ресори, кои може да бидат комплицирани.

– Сите треба да преиспитаме зошто сме изгубиле. Сите во владејачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен. Секој разумен политичар ќе се преиспита после ова. Одлуката на ДУИ е нивна одлука, но не е штета за владеењето ако има нови кадри оти тие носат нови решенија, вели вицепремиерот за економија.

За процедурата за оставката на претседателот на СДСМ Зоран Заев, Битиќи информира дека Централниот одбор само побарал да се одложи одлуката за оставката. Според него, оставката од Заев е висок демократски чин.

Од друга страна, премиерот Заев потсети дека оставките на функционерите на Движењето БЕСА се уште не се верификувани, што априори значи дека тие се уште се дел од Владата.

Дека БЕСА се уште е дел од Владата, смета и пратеникот Кастриот Реџепи, кој не се појави на собраниската седница на 11 ноември за гласање доверба на Владата.

Оставки од функциите, на 12 ноември поднесоа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа заедно до двајцата заменици-министри од движењето Беса. Оставките, како што изјави тогаш Хоџа, ги поднеле како морален чин и почитување на органите на Движењето Беса.

Во таа насока претседателот на Движењето Беса, Касами во изјава за емисијата „200“ на Телевизија Алсат вчера демантира дека кој било друг пратеник од неговата партија би можел да одлучи да остане дел од парламентарното мнозинство. Според него, партиските органи одлучиле и Беса е дел од опозицијата.

Тој е уверен дека 61-от пратеник потребен за ново парламентарно мнозинство, нема да биде од Движењето Беса.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ направи погрешна проценка со иницијативата за гласање недоверба на Владата, Мицкоски во интервју за белградска „Политика“ вели дека не станува збор за погрешна проценка, туку за вистинска одлука која на површина ја извадила „целокупната немоќ на Владата и нејзините механизми на владеење“.

Според него, пропаѓањето на иницијатива не некаков успех или неуспех на кого било, туку „само одложување на неславниот крај на Владата кој ќе се случи порано или подоцна“.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши најави дека одлуката за тоа дали партијата ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство ќе биде донесена по неговата најавена средба со премиерот Зоран Заев.

Гаши во изјава за „МКД.мк” посочува дека е започната внатрешна дебата во партијата од која треба да произлезе конкретен став за ова прашање.