Пишува Ким Мехмети
Дури и да е вистина дека претходната власт е виновна за сите зла што ја снашле денешна Македонија, се поставува прашањето: што направиле сегашните владетели на државата за да ја ослободат неа од нејзиното лоповско минато?!
Уште, дури и да се точни тврдењата дека поранешните властодршци се тие што издавале незаконски дозволи за ноќни клубови и казина, се наметнува логичното прашање: како е можно и по четиринаесет месеци во власта, овие актуелни властодршци да не ги виделе овие објекти и да не ја слушнале музиката што ечи од нив?!
Или пак, ако е вистина дека најголемата несреќа на Македонија е претходната власт, се поставува логичното прашање: што е тоа што денешните владетели ги прави подобри од вчерашните?!
А кога станува збор за денешните владетели на ВМРО-ДПМНЕ, мора да се признае дека тие (не оти таа можност не ја тестираа некои провладини портали) успеаја да го контролираат генетскиот код на нивната партија и во случајот со кочанската трагедија да не обвинуваат некоја ’исламско-албанска терористичка група’?!
Но, во секој случај, денешните албански лидери мора да бидат внимателни затоа што никогаш не се знае и ако ВМРО-ДПМНЕ се најде во небрано, таа ќе го зголеми бројот на Албанците во притвор.
Денешните албански лидери исто така треба да знаат дека додека родителите кои доживуваат разорна болка и ги погребуваат своите најмили, ВМРО-ДПМНЕ бара гроб каде што ќе ја закопа својата одговорнос. А таа гробница може да ја најде во просторот исполнет со недоразбирањата меѓу албанските партии.
Но како и да е, или денес или никогаш повеќе, граѓаните на оваа држава мора да докажат дека не се сполотуваат и не се будат само дента кога им се случува некоја трагедија и два-три дена потоа, туку дека нивната земја има државотворна супстанца.