Николас Мадуро Гера, син на уапсениот венецуелански претседател Николас Мадуро, изјави дека неговиот татко од затворската ќелија во САД порачал дека тој и неговата сопруга Силија Флорес се „добро“ и дека се „борци“.
„Добро сме. Ние сме борци. Не бидете тажни“, пренел Николас Мадуро Гера на видео-снимка објавена од владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела, наведувајќи дека тоа му го пренеле адвокатите на Мадуро, објави „Фигаро“.
Двајцата беа уапсени на 3 јануари во воена операција на американските специјални сили и се наоѓаат во притворска единица во Њујорк. На судењето што започна на 5 јануари, двајцата се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата за учество во нелегална трговија со дрога и оружје.
Времената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, порача дека „не ќе се смири додека не го вратат претседателот“ и дека ќе го „спаси“.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека го „откажал“ новиот напад врз Венецуела поради „соработката“ на Каракас, додека Вашингтон најави дека ќе „диктира“ одлуки, а Венецуела возврати дека не е „подредена ниту покорна“ на САД.
Американскиот Стејт департмент ги повика граѓаните на САД да не патуваат во Венецуела и оние што веќе се таму да ја „напуштат земјата“ поради нестабилната безбедносна ситуација и присуството на вооружени милиции, познати како „колективос“.
Текстот „Добро сме, ние сме борци“ – порачал Мадуро од затворот во САД е превземен од МАКФАКС.























