До недела нашата територија ќе се наоѓа под влијание на веќе споменатиот екстремно топол бран кој продира од северните предели на Африка кон нашата територија, но и на територијата на целиот регион. Температурите насекаде во Македонија од денес, па се до недела ќе надминуваат 30 степени, додека во поголем дел од државава тие ќе се искачат и до околу 35 степени а во најтоплите централни и југоисточни предели, како и во Скопската котлина локално тие ќе надминуваат и 40 степени.

Ув индексот ќе има екстремно висока вредност и ќе изнесува коефициент некаде помеѓу 9 и 10, па поради ова апелираме граѓаните без потреба да не излегуваат во најтоплиот дел од денот, односно од 11 до 17 часот, но и да пијат повеќе течности.

Меѓутоа, веќе во недела во Македонија и тоа поради влијание на висински циклон кој ќе биде со центар над Средоземјето во попладневните и во вечерните часови атмосферата позначително ќе се дестабилизира, па така на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер.