Претседателот рече дека се надева оти тоа ќе се постигне со 600 милиони вакцини, кои се очекува да бидат достапни дотогаш, објави Асошиетед прес.
Претседателот на САД Џо Бајден вети дека повеќето од основните училишта ќе бидат отворени пет дена во неделата до крајот на првите 100 дена од преземањето на функцијата, објави Асошиетед прес дел од коментарите на Бајден, одговарајќи на прашања од граѓани во Милвоки, Висконсин, во организација на Си-Ен-Ен.
„Реков да се отворат повеќето од училиштата, од градинка до осмо одделение, бидејќи тие се најлесни за отворање, и најпотребни да бидат отворени во однос на влијанието врз децата и родителите што го има седењето дома“, рече Бајден, додавајќи дека очекува повеќето од училиштата да останат отворени за време на летото.
Тој, исто така, укажа дека ќе биде потребно подолго време за отворање на средните училишта поради поголем ризик за ширење на вирусот.
Бајден одговори на бројни прашања поврзани со коронавирусот, од заштита на малите бизниси до плановите на администрацијата за вакцинирање.
Тој рече дека до крајот на јули би биле достапни 600 милиони вакцини, доволни за вакцинирање на секој Американец.
Тимот на претседателот се надева дека предложениот пакет помош за справување со пандемијата ќе помогне да се забрза производството и дистрибуцијата на вакцините.