По серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона на 15 октомври, сите дефекти ќе бидат отстранети, велат од Владата.
„Во текот на летниот ремонт, помеѓу двете грејни сезони се вршеше напрегање на дистрибутивната мрежа, активност која била занемарена со години, со цел откривање на дефекти и нивна санација. Во рамките на тие активности, откриени се околу 80 дефекти и истите се целосно санирани. Сепак, староста на мрежата не ја исклучува можноста од појава на нови дефекти, па така по серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона, сите дефекти ќе бидат отстранети“, се наведува во соопштението.
Топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Од Владата велат дека доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години, претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.
„За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија““, велат од Владата.
Од таму додаваат дека оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем.
„На крајот, модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија. Подготвителните активности за реализација на овој проект се во тек“, велат од Владата.
Текстот До 15 октомври сите дефекти на мрежата за централно греење ќе бидат остранети, објави Владата е превземен од МАКФАКС.