Антикорупциската комисија не го потврдила сомнежот од анонимен подносител на пријава кој тврди дека во Скопје се правела несоодветна дезинсекција односно против комарци е прскано од воздух со средство што е наменето само за аплицирање на земјена површина. ДКСК утврдила дека нема изрична забрана за користење на средството од воздух.

Софија Пејовска-Дојчиновска, член на ДКСК, денеска на седница на Комисијата соопшти дека по пријавата отвориле предмет за кој документи со податоци и  информации во врска со овие наводи побарале и ги добиле од неколку институции: Град Скопје, Министерството за здравство – Сектор за хемикалии, Центарот за јавно здравје, Бирото за јавни набавки, како и независно стручно мислење од експерт од Природно-математичкиот факултет.

Таа рече дека ги проверувале и оригиналните декларации/упатства на средството употребено за дезинсекција и дека во нив не е наведено дека е забранета неговата употреба од воздух.

– Не е потврдено дека средството мора да се аплицира по земја, а дека не може да биде за аеродезинсекција. Во ниедна декларација тоа никаде изрично не стои. Постои дека се препорачува аплицирање од земја, но не дека е забрането од воздух, рече  Пејовска-Дојчиновска.

Додаде дека треба да се има предвид и фактот дека Град Скопје има огромни површини за апликација на средството и поради тоа не е можно дезинсекцијата да биде само по земја.