ЕУ не прави ништо и со тоа ѝ дозволува на Бугарија, која секако не е меѓу најмоќните членки, да го спречи официјално Скопје да преговара со Брисел, вели во интервју за Радио Слободна Европа Едвард Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон.
Во интервјуто за Радио Слободна Европа на прашањето на новинарот Драган Штављанин дали постои замор од проширувањето во ЕУ Едвард Џозеф одговара потврдно и појаснува.
-Заморот од проширувањето е голем проблем затоа што тоа е подарок за српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на гласачите може да им го претстави како несериозност и незаинтересираност на европските партнери, да укаже на пример на Северна Македонија, која е блокирана од Бугарија на патот кон ЕУ. Унијата не прави ништо, како и Германија за време на нејзиното претседавање, со што ѝ дозволува на Бугарија, која секако не е меѓу најмоќните членки, да го спречи официјално Скопје да преговара со Брисел. Вучиќ може да каже дека Северна Македонија дури и го смени името за да го деблокира патот за евроатлантска интеграција, а официјална Софија сега го кочи. Во право е и Вучиќ кога го тврди тоа. Прашањето е како да се реши овој проблем?, наведува Џозеф.
Според него, колку повеќе има тензии и превирања на Балканот, иницијативи како „Српски свет“, тензии во Црна Гора и загрозување на интегритетот на Босна и Херцеговина, толку помалку ќе биде подготвена европската јавност да го одобри приемот на балканските земји.
-Кога француските, германските, холандските и другите европски гласачи ќе ги видат споменатите сцени во медиумите, сигурно ќе кажат – не ги сакаме овие земји во ЕУ, наведува Џозеф, додавајќи дека одговорот на заморот од проширувањето на ЕУ е прво да се стабилизира регионот врз принципите на демократијата, а не на стабилократијата.
Џозеф во интервјуто за Радио Слободна Европа оценува дека зближувањето меѓу албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ не е „здраво“.
-Регионалниот економски пазар е многу важен за сите земји, но не може да се постигне без европски демократски вредности. Напротив, тоа може да биде опасно, рече Џозеф.
Тој посочувајќи дека економската нормализација, според пристапот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, дава одредени придобивки вели: Но, вистинската пречка за економскиот раст во регионот е од политичка природа. Затоа, постои отпор од Косово, Црна Гора и Босна за приклучување кон Отворен Балкан. Ако таа иницијатива беше толку добра и беше само за правење пари, сите овие земји ќе се приклучат. Ваквото зближување на Рама и Вучиќ не е така „здраво“. Имено, треба да се потсети дека Голема Србија води кон создавање на Голема Албанија, и обратно. Ова е многу опасна динамика и се пробива на Косово на реката Ибар, што би довело до поделби на Голема Србија и Голема Албанија. Западот не е заинтересиран за создавање Голема Албанија, Голема Србија и поделба на БиХ на три дела. Тоа е во интерес на Русија и Кина, но не и на Запад, смета Едвард Џозеф.
Според него, Вучиќ ја претставува Србија како клучен западен партнер во регионот, иако тоа не е.
-Всушност, станува збор за фактор на дестабилизација. Не можете да бидете партнер на Западот и во исто време да го промовирате „српскиот свет“, бидејќи овие две работи се некомпатибилни. Не можете да бидете западен партнер додека ги промовирате Си Џинпинг и Владимир Путин и влегувате во стратешко партнерство со Кина и Русија, вели Џозеф.
Тој додава дека Србија не може да биде вистински кандидат за членство во ЕУ, додека нејзин најблизок партнер е Унгарија со нелиберален режим кој ги поткопува вредностите и интегритетот на европскиот блок.
Според Џозеф, Западот го толерира ваквото однесување на Србија поради лостот на влијание врз Косово, бидејќи пет членки на ЕУ, од кои четири се и во НАТО, не го признаваат Косово.
-Ако овие четири земји (Шпанија, Грција, Романија и Словачка) го признаа Косово, Србија ќе останеше без инструментот, вели Џозеф.
Во врска со претстојните избори во Србија тој не предвидува драматична промена на структурата на моќта.
-Не предвидувам драматична промена во структурата на моќта. Не гледам во овој момент опозицијата да се мобилизирала на начин што претставува закана за режимот на Вучиќ. Не гледам промени во изборниот амбиент кој продолжува да ја фаворизира власта, како што е контролата на медиумите, и покрај посредништвото на Европскиот парламент, оценува американскиот аналитичар.
Џозеф смета дека Вучиќ ќе остане претседател, но ослабен.
-Како и Милошевиќ и Вучиќ користи тактика на заплашување…Автократиите се посилни во некои ситуации, еден човек лесно донесува решенија, но тие се покревки, помалку издржливи кога ќе се појават пукнатини, како што се протестите за заштита на животната средина во Србија, наведува Џозеф.
Тој дава оценка и во врска со руското и кинеското влијание на Балканот.
-Ако се спореди геополитичкото опкружување од 1990-тите, кога Русија беше слаба, а Кина не беше значително присутна на Балканот и во сегашната, тогаш може да се каже дека интересите на САД сега се многу поголеми, или поинакви. Имено, во 1990-тите, САД не мораа да се грижат за ривалското руско и кинеско влијание. Во таа смисла, Балканот беше уште помалку важен за Вашингтон. Тоа беше и крајот на неуспешниот советски модел. Но, сега гледаме предизвици дури и за Соединетите Држави. Затоа, претседателот Бајден рече дека докажувањето оти демократијата функционира е една од клучните цели и мисии на неговата администрација. Поради сето тоа, пристапот на Александар Вучиќ, и покрај приказната за „Отворен Балкан“ и поддршката на САД за економска нормализација во регионот, што беше иницијатива на поранешниот претседател Доналд Трамп, е во спротивност со заложбата на администрацијата на Бајден. Режимот на Вучиќ беше многу компатибилен со политиката на Трамп, но во суштина не е со демократските вредности на администрацијата на Бајден, вели Џозеф.
Во врска со назначувањето на искуснииот дипломат Кристофер Хил за американски амбасадор во Белград Џозеф оценува дека тоа е многу важен сигнал.
-Тоа покажуваа дека Вашингтон признава дека сегашниот курс не функционира. На тој мозаик сè уште му недостига делот поврзан со лостот на влијание. Кон тоа се насочени последните американски санкции против Звонко Веселиновиќ и уште 13 лица. Сепак, иницијативите како Отворен Балкан, економската нормализација, поканата на Вучиќ на Самитот за демократија или одлуката на ЕУ да даде зелено светло за отворање поглавје за владеење на правото во преговорите со Србија – не се начин да се отстрани лостот што го има Белград во однос на Косово, наведува во интервјуто за РСЕ Едвард Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон.