Иако му истече мандатот, досегашниот претседател на Кривичниот суд во Скопје Иван Џолев останува прв човек на „скопска единица“, но овој пат  како вршител на должноста претседател.

Оваа одлука едногласно ја донесе Судскиот совет од каде посочија дека Џолев бил определен за в.д. претседател поради не можноста да се распише оглас за оваа позиција за време на кампањата од локалните избори. Од таму се повикаа на препораката од Антикорупциската комисија и на законските одредби дека ваков оглас се распишува 60 дена пред истекот на мандатот. Од Советот го посочија и членот 89 од Законот за судови во кој стои дека до избор на нов претседател на судот, советот определува вршител на должноста од редот на судиите во судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оценка и бодови, а таков, велат, бил случајот со Џолев.

„ Зошто се избира господинот Џолев затоа што има највисоки бодови и затоа што во последната година Кривичниот суд е оценет во редот на ажурни судови од таму се наметна како најсериозен кандидат. Други кандидати кои имаат ист број бодови како Џолев се Ивица Стефановски и Пајазит Пајазити, но Судскиот совет проецни дека заради континуитет заради тоа што претседателот претходно покажал резултати е најдобро да се избере господинот Џолев се до распишувањето на огласот“, вели Љубиша Арсиќ – Портпарол на Судски совет.

Пред почетокот на седницата на Судскиот совет, од ВМРО-ДПМНЕ апелираа за вршител на должноста да биде избран судија од „скопска единица“ кој е најдобро оценет, тврдејќи дека се врши притисок за донесување политичка одлука за досегашниот претседател да остане на позицијата.

„ ВМРО-ДПМНЕ во име на граѓаните на Република Македонија бара Членовите на судскиот совет денеска да не подлегнат под притисоците и да не донесат политичка одлука со која за в.д на Основниот кривичен суд би го избрале судијата Иван Џолев. Напротив, очекуваме членовите на судскиот совет, телото за контрола на судската власт, да ги почитува Уставот и законите и според нив, да го изберат најдобро оценуваниот судија“, вели Ели Панова – ВМРО-ДПМНЕ.

Огласот за избор на претседател на скопскиот Кривичен суд од Судскиот совет најавија дека ќе биде објавен во блиска иднина, како и на три основни судови во Тетово, Куманово и Ресен.