Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со медиумите денеска најави дека на почетокот на денешната седница ќе биде констатирана оставката на Заев, но, како што рече, нецелисходно е да продолжи седницата за пратенички прашања, со оглед на тоа што Владата е во оставка.
Џафери рече дека ова Влада останува на должност до изборот на новата влада, ама само на техничко ниво. Претседателот на парламентот рече дека во вакуумот до избор на нова влада нема да има нови седници, затоа што владата во оставка не би требало да предлага закони.
Тој рече дека од денеска, откако ќе биде констатирана оставката, почнуваат да течат роковите за дејствијата што треба да се преземат за избор на нова влада.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјаноска, вчера изјави дека е крајно невообичаено на седница за пратенички прашања да се констатира оставка и да им се оневозможи на пратениците да им поставуваат прашања на министрите.